ДЕФЕКТОЛОГИЈА

ДЕФЕКТОЛОГИЈА -. научна дисциплина што се занимава со теориско и практично проучување на проблемите на лицата со пречки во развојот, како и со посебните потреби во однос на нивната социјална интеграција. Во Македонија научен интерес кон оваа проблематика се пројавува по Ослободувањето, кога се отвораат и првите установи за згрижување на вакви лица, посебно на деца и младинци (в. Специјални училишта во Македонија). Меѓу првите носители на развојот на дефектолошката мисла кај нас најпознати се: д-р Славчо Керамитчиевски (в.) и д-р Љупчо Ајдински (в.). Со отворањето на студиите по дефектологија 1993 г. (во почетокот како насока на Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје, а од 1996 г. како посебен институт), започнува процес на поорганизиран и систематски развој на дефектолошките научни дисциплини. Со одделни подрачја од дефектологијата се занимаваат д-р Ристо Петров, д-р Драгослав Копачев, д-р Горан Ајдински, д-р Зора Јачова, д-р Владимир Трајковски и др. Значаен придонес во развојот на дефектолошката теорија и практика даваат и соодветните стручни здруженија, а посебно списанието „Дефектолошка теорија и практика” што излегува од 1997 г. Денес, во светски релации, терминот дефектологија ретко се користи, најчесто употребуван израз е специјална педагогија, односно специјално воспитание или воспитание за лица со посебни потреби. ЛИТ.: Љ. Ајдински, В. Андреевски, 50 години заштита, рехабилитација и образование на лица со пречки во развојот во Република Македонија, Скопје, 2001. К. Камб.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *