ДЕТСКИ ОРГАНИЗАЦИИ

ДЕТСКИ ОРГАНИЗАЦИИ -. организирани форми на здружување на децата. Во Македонија постојат повеќе видови детски организации: центри за детско творештво, клубови во областа на техниката, науката и спортот, организации за одмор и рекреација, подмладоци на Црвен крст и сл. Најпозната и најмасовна детска организација до почетокот на деведесеттите години на минатиот век била пионерската организација. Основана е во текот на НОБ и сè до 1990 г., кога е преименувана во Детска организација на Македонија, дејствува како Сојуз на пионерите на Македонија. Како југословенска детска организација е формирана на Првиот конгрес на УСАОЈ (Бихаќ, 1942). Првите пионерски дружини во Македонија се формираат во текот на НОБ (Скопје, Прилеп, Битола). Пионерската организација била единствена воспитна и општествена организација за децата од 7 до 14 години. Членови на пионерската организација станувале сите деца во прво одделение, на свеченост, организирана по повод Денот на Републиката (29 Ноември), кога добивале црвена пионерска шамија, капа со петокрака ѕвезда, значка и член-ска книшка. Целите, задачите, содржината и организацијата на работата на пионерската организација биле во согласност со определбите во одделните фази на општествениот развој и со општите цели на воспитанието и образованието. Со одлука на Претседателството на Сојузот на организациите за социјалистичко воспитување и грижа за децата на Македонија и Советот на пионерите на Македонија (11. IX 1990 г.), пионерската организација е преименувана во Детска организација на Македонија, со основна цел да придонесува за вкупниот развој на детската личност. ЛИТ.: А. Баракоска, Детето и неговата организација, Скопје, 1996. К. Камб.