ДЕН НА СОЛИДАРНОСТА

ДЕН НА СОЛИДАРНОСТА (Скопје, 26 јули) – денот на жртвите од скопскиот земјотрес и Ден на солидарноста. На 26. Ⅶ 1963 во 5.17 ч. Скопје, главниот град на РМ, го погодил катастрофален земјотрес. Загинале 1070, а биле повредени над пет илјади граѓани. Најмногу настрадал центарот каде се сметало дека бил епицентарот. Земјотресот ги нарушил основните функции на градот и неговиот дотогашен природен развој. Многу земји од светот му притекнале на помош. Покрај обновата на оштетените објекти, биле изградени неколку нови населби (Тафталиџе, Козле, Драчево, Бутел, Ѓорче Петров и др.). Во градот биле подигнати објекти за стопански, здравствени, образовни, културни и други потреби. Затоа Скопје беше наречен Град на светската солидарност, а 26 јули Ден на солидарноста. ЛИТ.: Д-р Александар Матковски, Хроника на земјотресот во Скопје: (26 јули 1963), Скопје, 1962; Д-р Новица Велјановски (со коавтори), Запознајте ја Македонија, Скопје, 2001. Н. В.