ДЕМИР, Фируз Назим

ДЕМИР, Фируз Назим (Штип, 16. Ⅹ 1923 – Скопје, 1988) – комунистички деец, политичар и општественик, од турска националност. Како ученик во Ⅵ клас гимназија, станал член на СКОЈ и илегален организатор на НОБ (1941), поради што бил исклучен од гимназијата, без право на упис во друго училиште. Подоцна станал член на КПЈ и член на МК на СКОЈ во Штип (од почетокот на 1942). Трипати бил апсен (1942, 1943 и 1944). По последното апсење, двапати бил интерниран, првин во Бел Извор (Ардинско, Бугарија), потоа, по новото апсење во истата вечер по враќањето во Штип, во Хвојна (Асеновградско, Бугарија, до 6. IX 1944), по што учествувал во воспоставувањето на народната власт во три општини во Бугарија. На враќањето пристигнал при Гш на НОВ и ПОМ во с. Митрашинци, Малешевско (16. IX 1944), по што бил упатен за член на Околискиот комитет на КПМ во Штип и секретар на Општинскиот комитет на КПМ во с. Драгоево, Штипско. По Ослободувањето бил професионален политички работник. Ја завршил Високата политичка школа „Ѓуро Ѓаковиќ“ во Бел-град и дипломирал на Правниот факултет. Бил член и кадровик на Обласниот комитет на КПМ во Штип (мај 1945-1946), инструктор и кадровик на ЦК на КПМ (1947), секретар на Околискиот комитет на КПМ во Радовиш (1946 и од јули 1950), секретар на Околискиот комитет на КПМ во Струмица (мај-јули 1947), член на Ревизионата комисија на КПМ (24. Ⅻ 1948 – 28. Ⅴ 1954), член на Бирото на Обласниот комитет на КПМ во Штип (1949) и претседател на Контролната комисија при Обласниот одбор (1949), секретар на Околискиот комитет во Штип, претседател на Околискиот народен фронт и на Околискиот СЗБ од НОВ (од јули 1953), член на ЦК на КПМ (30. Ⅴ 1954 – 21. XI 1968), претседател на Комисијата за село при ЦК на СКМ (1957), претседател на Контролната комисија на ЦК на СКМ (1959), потпретседател (1959) и претседател на Задружниот сојуз на СРМ (1960-1961), претседател на Организационо-политичкиот собор на Собранието на СРМ и член на Претседателството на ЦК на СКМ (од 1963), републички (од 1967) и сојузен народен пратеник во повеќе свикувања, член на Главниот одбор и потпретседател на Републичката конференција на ССРНМ и член на Сојузната конференција на ССРНЈ, член на Советот на Федерацијата (1970), член на Претседателството на СРМ (од 1976), член на Главниот одбор на СЗБ од НОВМ и на Централниот одбор на СЗБ од НОВЈ. Носител е на Партизанска споменица 1941. БИБ.: Улогата на Благој Јанков-Мучето во организирањето на народноослободителното движење во Источна Македонија, Струмица и Струмичко во НОВ 1941-1943, Струмица, 1980, 643-646; Сеќавање на Ванчо Пркев и Славчо Стојменски, „Дело 74“, Ⅷ, 3, Штип, 1981, 3-16; Сеќавање на 40-годишнината од формирањето на одредот „Гоце Делчев“, „Дело 74“, Ⅹ, 2, Штип, 1983, 476-490 (со коавторот Исак Сион). ЛИТ.: Штип и Штипско во народноослободителната војна 1941-1945. Прилози од Научниот собир одржан на 17, 18 и 19 мај 1990 година во Штип, кн. 1-4, Скопје, 2000-2001. С. Мл. Хамди Таир Демир