ДЕМИР КАПИЈА

ДЕМИР КАПИЈА – град во Повардарјето: 3.275 ж. (2002 г.). Се наоѓа на влезот во Демиркаписката Клисура, на местото каде што р. Бошава се влева во Вардар, на надморска висина од околу 100 м. Зафаќа површина од 160 ха. Има променетомедитеранска клима со средна годишна температура на воздухот од 13,6°С и просечна годишна количина на врнежи од 476 мм. Во античкиот период се споменува под името Стенос, што во превод значи теснина или клисура. Словенското име на населбата е Просек, а се споменува во 11 и 12 в. Денешното име Демир Капија го дале Турците. За град е прогласен во 2004 г. Населението го составуваат Македонци, а од малцинствата се застапени само малку Срби (34 ж.). Демир Капија е седиште на општина која зафаќа површина од 31.106 ха, има 15 населени места со 4.545 ж. Главно занимање е лозарството и одгледувањето на раноградинарски култури, посебно пиперки. Во населбата има осумгодишно училиште, дом за хендикепирани и здравствена станица. Ал. Ст.