ДЕЛЕГАТИ ОД МАКЕДОНИЈА НА ВТОРОТО ЗАСЕДАНИЕ НА АВНОЈ

ДЕЛЕГАТИ ОД МАКЕДОНИЈА НА ВТОРОТО ЗАСЕДАНИЕ НА АВНОЈ (Јајце, 29. XI 1943) – вкупно 42 избрани или кооптирани делегати, кои, поради отежнатите воени услови, не успеале да присуствуваат на Заседанието. До почетокот на Заседанието, по радио-врска биле пријавени само 7 избрани делегати, но и покрај нивното отсуство, Верификациониот одбор на АВНОЈ ги прифатил нивните мандати (Методи Андонов-Ченто, Бане Андреев, Михаило Апостолски, Димитар Влахов, Лазар Колишевски, Мара Нацева и Владо Поптомов). Следните денови по радиоврска биле испратени и имињата на останатите избрани делегати (Неџат Аголи, Дончо Арсов, Љупчо Арсов, Вера Ацева, Ванчо Бурзевски, Наум Василевски, Страхил Гигов, Лазар Гиновски, Киро Глигоров, Кузман Јосифовски, Лазо Калајџиски, Јонче Колев, Томо Кутурец, поп Вељо Манчевски, Венко Марковски, Никола Минчев, Коле Николов, Петре Пирузе, д-р Владо Полежина, Кемал Сејфула, Цветко Узуновски, Тодор Поцев Циповски и други засега неидентификувани делегати). ЛИТ.: Прво и друго заседанје АВНОЈ-а, Загреб, 1963, 166-167; Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том втори, Скопје, 1981, 540; Михаило Апостолски, Одлуките на АВНОЈ – реализација на целите на вековната борба на македонскиот народ, „Историја“, ⅩⅩ, 1, Скопје, 1984, 59-82. С. Мл.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *