ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА СУВЕРЕНОСТА НА СРМ

ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА СУВЕРЕНОСТА НА СРМ -. акт на Собранието на СРМ од 25. Ⅰ 1991 г., со кој СРМ се прогласува за суверена држава. Декларацијата е донесена со консензус на сите политички партии застапени во македонскиот парламент. Таа има преамбула и нормативен текст од осум члена. Преамбулата ја содржи правната основа за нејзиното донесување: Уставот на СРМ од 1974 г. и Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права на ООН од 1966 г. Нормативниот текст содржи декларативни, императивни и програмски одредби. Во декларативните одредби се констатира дека сувереноста, независноста и територијалниот интегритет на македонската држава се израз на правото на македонскиот народ на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување. Со императивни одредби СРМ се обврзува самостојно да одлучува за односите со државите на другите народи на СФР Југославија во согласност со своите интереси, по мирен и демократски пат. Во програмските одредби се предвидува обврската на Собранието на СРМ да го донесе новиот устав со кој ќе се определат државното уредување и новите симболи на македонската држава. ЛИТ.: Светомир шкариќ, Уставно право, Прва книга, Скопје, 1994. Св. ш. Факсимил од Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните на ДФМ (2. Ⅶ 1944)