ДЕГРАДАЦИЈА НА ПОЧВАТА

ДЕГРАДАЦИЈА НА ПОЧВАТА -. негативна антропогенизација. Негативни процеси и промени предизвикани од човекот со кои се уништува почвата или се намалува нејзиниот волумен или плодност. Во РМ се врши на многу начини: со деструкција (уништување), со што се намалува земјишниот фонд (ерозија, отворени копови во рударството и екскавација на разни материјали, покривање со разен отпад, пренамена во користењето за да се изградат разни објекти), потоа со контаминација од другите компоненти на животната средина (од воздухот и од водата) и на крајот со деградација на повеќе начини во земјоделството и шумарството. Деструкција (уништување) и покривање на почвата. Земјишниот фонд во РМ се намалува со разни видови деструкција, какви што се ерозијата, отворените копови во рударството, екскавацијата на разни материјали, потоа со покривање со комунален отпад и со разен отпад од рудниците, термоцентралите, металуршките и други индустриски објекти и најпосле со пренамена во користењето на земјиштето (конверзија) со изградба на водни акумулации, при изградбата на населби и индустриски и инфраструктурни објекти. Под влијание на природните и антропогените фактори во РМ има 231.000 ха непродуктивно земјиште (9.1% од вкупната територија). Се смета дека во рудниците за јаглен со раскопки ќе бидат уништени 3.000 ха, со разен отпад се покриени 6.000 ха, под вода има 44.000 ха, од кои голем дел се под вештачки акумулации. Под населби, рудници и индустриски објекти има 35.000 ха, а под инфраструктурни објекти 34.000 ха. Тоа земјиште е оттргнато од земјоделското производство. Контаминација на почвата од водите – површински води контаминирани со разни отпадни води (комунални, од енергетските објекти, од рударството, од металуршките и други индустриски капацитети). Голем дел од овие води спаѓаат во Ⅳ иⅤкласа, т.е. во непогодни класи за наводнување. Овие води доаѓаат во допир со почвите и ги загадуваат на разни начини. Тие начини се: поплави и таложење на наноси во поплавените почви, наводнување, инфилтрација во поземните води и од нив по капиларен пат во почвата. Најсилно е загадувањето на почвите покрај Злетовска Река со тешки металите метали олово (Пб), цинк (Зн), кадмиум (Цд) и бакар (Цу). Нашите води во акумулациите и во горните текови на реките не се загадени и можат да се користат за наводнување. Контаминација на почвата од воздухот. Брзиот стопански развиток без примена на мерки за заштита на животната средина во РМ доведува до загадување на воздухот, а преку него и на почвите. Таквите загадувачи на воздухот, а преку него и на почвите се: урбаната средина, сообраќајот, термоцентралите, металуршките и другите индустриски објекти. Најсилна е контаминацијата на воздухот и почвата околу некои жаришта (во прв ред околу металуршките објекти). Почвите од воздухот се загадуваат, особено, со тешки ме-тали (олово, цинк, кадмиум) и со сулфурна киселина од киселите дождови. Деградација на почвата во земјоделството. Во нашето земјоделство, во кое почвите се користат повеќе милениуми, почвите се деградираат на повеќе начини: со уништување на природната вегетација и со забрзана ерозија (в. ерозија на почвата), со одгледување на културни растенија во разни плодореди, со обработка, со примена на минерални ѓубриња и пестициди, со наводнување, како и од сточарските фарми. Се применуваат голем број мерки против деградацијата на почвата во земјоделството и шумарството. ЛИТ.: Ѓ. Филиповски, Деградација на почвите како компонента на животната средина на Република Македонија, МАНУ, Скопје, 2003. Ѓ. Ф.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *