ДЕБАР

ДЕБАР – град во западниот дел на РМ (14.561 ж.). Се наоѓа во Дебарската Котлина, југозападно од планината Дешат, на надморска висина од 700 м. Зафаќа површина од 360 ха. Климата е променето континентална со просечна годишна температура на воздухот од 11,8°С и просечна годишна количина на врнежи од 890 мм. Преку Д. поминува регионален пат кој на североисток го поврзува со Маврово и Гостивар, а на југ со Струга. Дебар како населба постоел уште во времето на Римјаните под име Деборуса. За првпат се спомнува во една повелба на Василиј Ⅱ од 1019 г. како место што му припаѓа на битолскиот владика. Во средниот век е значаен центар во Западна Македонија. Во првата половина на ⅩⅠⅩ в. Ами Буе забележал дека има 4.200 ж., 64 дуќани, џамија и карван сарај, била развиена трговијата и занаетчиството, а дебарчани биле познати како одлични градители на цркви, копаничари и зографи. Населбата етнички била измешана со македонско и со муслиманско население. Во 1900 г. бро-јот на населението во градот се наголемува на 15.000 ж.. По Првата светска војна, кога била поставена границата кон Албанија, Д. почнал функционално и популациски да опаѓа, така што во 1931 г. во него живееле 7.198 ж. Поради специфичната периферна географска Градот Дебар со Дебарското Езеро положба тој и по Втората светска војна многу не напреднал, останал само како центар на својата непосредна околина. Меѓутоа, етничката структура во градот е доста променета. Денеска од 14.561 ж., Македоци се 1.059 ж., Албанци 10.768 ж.,Турци 1.415 ж., Роми 1.079 ж., и други 245 ж. Д. е општински центар. Општината зафаќа површина од 14.567 ха, има 18 населени места со 19.542 ж. Најголем број од населението е вработено во текстилната индустрија, која е присутна во градот, потоа во рударсвото и во земјоделството. Има гимназија, здравствен дом, дом на културата, сеизмолошка станица и други установи. Во близина на градот се наоѓаат бањите Бањиште и Косоврашка Бања и вештачкото езеро шпилје, а во југоисточното подножје на Дешат е рудникот за гипс. ЛИТ.: Јован Ф. Трифуноски, Дебар, „Гласник Етнографског института САН”, књ. И–Ⅲ, Београд, 1957; Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002, Ⅹ, Скопје, 2004. Ал. Ст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *