ДВАЕСЕТ И ПРВА ВАФЕН

ДВАЕСЕТ И ПРВА ВАФЕН – СС БРДСКА ДИВИЗИЈА „СКЕНДЕРБЕГ” (првата половина – ноември 1944) – квислиншка воена единица, формирана од Албанци од Западна Македонија (Тетово и Гостивар) и од Косово (Пеќ, Приштина и Ѓаковица) и со една третина од вкупниот состав – Германци. Нејзиното формациско пополнување и формирање потрајало до крајот на јуни 1944 г., со состав од вкупно 15.000 вооружени лица, распоредени во Првиот и Вториот СС ридски и Дваесет и вториот СС артилериски полк. Командниот состав бил исклучиво од Германци. Во окупаторските операции Драуфгенгер (Андриевичка операција, 18-26. Ⅶ 1944, во долината на р. Лим) и Рибецал (Дурмиторска операција, август 1944) против силите на НОВЈ, претрпела значителни загуби и била осетно ослабена. Кога германската Група армии „Е” се повлекувала преку Косово и Метохија, долините на р. Ибар и Западна Морава кон р. Дрина, голем дел од албанскиот боречки состав дезертирале (октомври 1944). Поради преполовениот состав, би-ла извршена реорганизација и од остатоците од единицата и придојдените германски војници од единиците во Грција, наместо дивизија, била формирана Борбена полковска група „Скендербег” (24. Ⅹ 1940) од ок. 8.000 војници (меѓу кои ок. 3.000 Албанци), која учествувала во борбите кај Зворник и Биелина. Откако припадниците на морнаричките сили од Грција биле вратени во Германија (март 1945), остатокот од само еден баталјон војници бил приклучен кон Седмата СС брдска дивизија „Принц Еуген”. С. Мл.