ДАНОЧЕН СИСТЕМ НА РМ

ДАНОЧЕН СИСТЕМ НА РМ – збир на сите даноци што се воведени и што се наплатуваат во земјата, врз основа на нејзиниот фискален суверенитет. Според современото толкување, во даночниот систем се вклучуваат, покрај даноците, уште и придонесите на платите и од платите, што се воведени како задолжителни давачки за финансирање на задолжителните форми на социјалното осигурување (пензиското и инвалидското осигурување и сл.). Од даночниот систем, кој со воведените даноци претставува определена рационална и хармонична инструментална структура, се разликува даночната политика, што се состои во користење на даноците, преку промена на нивните елементи (даночната стапка, даночната основа, даночните олеснувања итн.), заради остварување на фискалните (финансиските) и вонфискалните цели, поврзани со економските и социјалните приоритети на општеството. Даночниот систем на РМ непрекинато се развива врз основа на повеќе различни даноци, кои го чинат т.н. даночен плурализам, што е и главно обележје на сите современи даночни системи. Во текот на 90-тите години и во поч. на 2000 г., како и во другите земји во транзиција, во РМ се спроведе радикална даночна реформа со која се изгради потполно нова структура на даноци и се воведоа сосема нови, дотогаш непознати поими и категории во оданочувањето. Реформата на даночниот систем беше условена од низа објективни фактори, како што се: осамостојувањето и независноста на македонската држава, потребата да се воспостави нов, пазарно ориентиран даночен систем, компатибилен со даночните системи во другите пазарни економии, посебно со европските, и нужноста даночниот систем да се сообрази со превладувачките трендови во даночниоте реформи што започнаа од средината на 80-тите г. во другите напредни држави во светот. Актуелниот даночен систем на РМ се состои од повеќе различни видови даноци и тоа: а) даноци на доход: 1. персонален данок на до-ход, 2. данок на добивка; б) даноци на потрошувачка: 1. данок на додадена вредност (ДДВ), 2. акцизи, 3. царини; в) даноци на имот: 1. данок на имот, 2. данок на наследство и подарок, 3. данок на про-мет на недвижности и права; г) придонеси за социјално осигурување: 1. придонеси од плати и од други приходи на осигурениците. Пошироко од даночниот систем, системот на јавни приходи ги опфаќа, покрај даноците и придонесите, уште и таксите, комуналните давачки и надоместоци, заемите, донациите во земјата и од странство и другите приходи. Даночниот систем има неколку важни обележја. Неговата структура се потпира на едновремената застапеност на директните и на индиректните даноци. Директните даноци ги сочинуваат даноците на доход, придонесите за социјалното осигурување и даноците на имот. Тие се пресметуваат со пропорционални стапки, што значи дека даночната обврска е пропорционална на даночната способност на обврзниците. Даноците на доход и придонесите учествуваа со 39,2% во вкупните приходи на буџетот на Републиката (консолидираниот буџет на централната држава) за 2005 г. Само придонесите за различните сегменти на социјалното осигурување учествуваа со 28,3%. Високите придонеси влијаат на висината на цената на трудот и негативно се одразуваат на ширењето на сивата економија, на легалното вработување и на конкурентноста на македонското стопанство. Односот помеѓу директните и индиректните даноци е во полза на овие вториве. Тие, 2005 г., учествуваа со 69,4% во вкупните даночни приходи во буџетот на централната државна власт (без царините). Заедно со царините, пак, индиректните даноци (даноците на потрошувачката) учествуваа со 77,7%. Ова ниво на учество на овие даноци е меѓу најниските во современите држави. Од една страна, ваквата застапеност на индиректните даноци претставува позитивна карактеристика на даночниот систем. Овие даноци се попогодни за наплата и помалку се подлежни на даночна евазија (особено ДДВ), отколку директните даноци (даноците на доход, пред сè). Од аспект на економските ефекти, индиректните даноци се постимулативни и за штедењето и за поттикнувањето на инвестициите. Затоа овие даноци претставуваат подобар избор во даночниот систем од директните даноци, особено поради економската неразвиеност и потребата да се охрабрат инвеститорите. Од друга страна, стои фактот дека индиректните даноци се регресивни, така што поради нивното високо учество во вкупните даночни приходи даночниот систем во целина има значајни регресивни ефекти. Ова претставува недостаток на даночниот систем, потенциран со отсуството на прогресивното оданочување на доходот на граѓаните, односно со примената на пропорционалната стапка кај персоналниот данок на доход. Сите овие елементи придонесуваат редистрибутивниот ефект на даночниот систем да биде негативен. Од гледна точка на распределбата на даночниот товар помеѓу социјалните групи во општеството, се заклучува дека даночниот товар го но-сат првенствено лицата што, според остварениот доход, се во средината или во долниот дел од доходната скала. Таквата состојба со распределбата на даночниот то-вар се коси со принципот на правичност во оданочувањето кој, заедно со принципот на економската ефикасност, претставува еден од двата клучни принципа на секој добар даночен систем. Даночните приходи на буџетот на централната државна власт учествуваа со 19,4% во БДП за 2005 г. Тоа, во меѓународни релации, претставува умерено оптоварување. Затоа, даночниот систем, во целина, земајќи ги предвид сите негови аспекти, е сообразен со императивот да влијае стимулативно на развојот на штедењето, на инвестициите и на економскиот раст. ЛИТ.: Живко Атанасовски Јавни финансии, Скопје, 2004. Ж. А. ДАНОЧНИ РЕФОРМИ ВО РМ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *