ДАМЈАНОВ, Андреја

ДАМЈАНОВ, Андреја (с. Папрадиште, 1813 – Велес, 1878) – протомајстор, од родот Реизовски, еден од најзначајните градители на Балканот. Гради цркви и профани објекти во Македонија, во Србија и во Босна и Херцеговина. Црквите главно ги решава како трикорабни базилики обиколени со тремови од западна, од јужна и од северна страна, над кои се наоѓаат трибини „женски цркви” кои во западниот дел се соединуваат со галерија, создавајќи нови архитектонски решенија како симбиоза на домашната традиција и неоренесансните, необарокните и неокласицистичките стилови. Посебно се истакнува внатрешниот простор на црквите со големите димензии и богатата архитектонска обработка. Позначајни реализации: завршување на градбата на соборната црква „Св. Богородица” во Скопје (1835); црквата „Св. Јован” во Куманово (1836); „Св. Пантелејмон” во Велес (1840); „Св. Илија” во Печењевец, Србија (1844); црквата во манастирот „Св. Јоаким Осоговски” крај Крива Паланка (1845); црквата „Св. Апостоли” во Туреновац, Србија (1845); „Успение на Св. Богородица” во Ново Село, Штипско (1850); „Св. Никола” во Куманово (1851); „Св. Ѓорѓи” во Смедерево, Србија (1850–1854); „Св. Дух” во Ниш, Србија (1857–1872); „Св. Троица” во Нови Варош, Србија (1857–1873); „Св. Архангел Михаил” во Горно Чипово (1861); „Св. Богородица” во Чајниче, Босна (1857–1863); „Св. Богородица” во Сараево, Босна (1863–1868); „Св. Троица” во Пирот, Србија (1868); „Св. Троица” во Мостар, Херцеговина (1873), урната во војната (1992). Од профаните објекти, ја изградил Големата касарна во Сараево и Вакувската болница во Сараево, урната во војната (1992–1995). Градителската традиција ја продолжува неговиот син Дамјан (Даме) Андреев (околу 1847–1921), (в. Андреев, Даме). Освен со архитектура, Андреја се занимавал и со сликарство. Зачувани се неколку икони во Велес и во Мостар. ЛИТ.: К. Томовски, Мајстор Андреја Дамјанов (1813–1878), Скопје, 1966; Ј. Хаџиева Алексиевска–Е. Касапова, Архитект Андреја Дамјанов, Скопје, 2001; К. Томовски, Македонските мајстори градители од деветнаесеттиот век, Скопје, 2006. Кр. Т. Љубица Дамјановска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *