ДАМЈАНОВСКИ, Ристо Јорданов

ДАМЈАНОВСКИ, Ристо Јорданов (с. Доленци, Демирхисарско, 25. Ⅴ 1937) – генерал-мајор, во пензија. Основно образование завршил во родното место, а средно земјоделско училиште во Битола (1955). Извесен период работел во Окружниот задружен сојуз во Битола и како наставник во ОУ „Гоце Делчев“ (1955-1956). Подоцна завршил Воена академија (Белград, 1957-1960), Политичката школа на ЈНА (Сараево, 1970) и Висока военополитичка академија (Белград, 1978). Бил претседател на Општински комитет на НММ (1954-1956), член на СКЈ (од 1955), секретар на Комитетот на СКЈ во полк, во дивизија, на подрачје на Армија и на Комитетот на СКМ во Касарната „Стив Наумов“ во Гарнизонот Битола. Бил делегат на Петтиот конгрес на ЦК на БиХ и на Седмиот конгрес на СКМ. Подоцна бил помошник на командантот на Територијалната одбрана на СРМ (1988), предавач на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (1974) и виш предавач на Правниот факултет во Битола (1979) по Основи на општонародната одбрана на СФРЈ. Докторирал на тема „Воените аспекти на Македонското националноослободително движење (1893-1903)“ на Филозофскиот факултет во Скопје (1988). Бил републички секретар за одбрана и прв министер за одбрана во Владата на РМ (20. Ⅲ 1991 – 4. IX 1992). БИБ.: Востаната Македонија, Скопје, 1991; Војната во Македонија во 2001 година, Скопје, 2006 (коавтор со Митре Арсовски и Стојан Кузев).ЛИТ.: Богомил Д. Константинов, Време кога војуваше народот. Разговор со повод: Воените аспекти на македонското националноослободително движење, „Комунист“, ЏЛВИ, 1652, Скопје, 16. Ⅻ 1988, 10; Д(ушан) Константинов, Вонредно значаен научен труд. Ликови на старешини: Ристо Дамјановски, „Нова Македонија“, ЏЛИВ, 15056, Скопје, 22. Ⅻ 1988, 2. С. Мл. Александар Дамовски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *