ДАМЕСКИ, Дарко

ДАМЕСКИ, Дарко (Прилеп, 12. Ⅴ 1932 – Скопје, 12. Ⅻ 1983) – драмски и филмски актер. Завршил Државна средна театарска школа (1952) во Скопје од кога е член на Драмата на МНТ. Од 1964 г. премина во Драмскиот театар во Скопје, каде што беше сè до неговата смрт (1983). Го красеа широчината, обилството и разновидноста во актерскиот израз, како и сигурноста на движењата и гласот. Улоги: Огне („Гоце”); Васко Пепел („На дното”); Кузман Капидан; „Болен Дојчин”; Тил Ојленшпигел; Хенри Ⅳ во истоимените пиеси; Дон Родриго („Сид”); Помет („Дундо Ма-рое”); Ивец („Самоил”); Јанко („Немирна рудина”); Макдаф („Магбет”); Иноченти („Пантаглез”); Самоил („Владимир и Косара”) и др. Успешно ја толкуваше улогата на Гоце Делчев во истоимената монодрама. Дарко Дамески На екранот дебитира во првиот македонски игран филм „Фросина”. Сугестивното лице, енергичните движења, отелотворуваат лик подготвен за хероични подвизи, но и за злосторнички дела, симбол на епски стоик, но и на циничен извршител на подмолни задачи. Во филмовите „Волча ноќ”, „Под исто небо” и „Македонска крвава свадба” тој е суров џелат и подмолен прислужник на своите моќни господари. Но во спектаклите „Мис Стон” и „Солунските атентатори” добива улоги на епски херои. Најзначајно актерско остварување имаше во „Црно семе” за кое, покрај другите награди, ја доби и Златната арена во Пула. Ликот на Андон од овој филм, понижуван и брутално измачуван од своите џелати, е рожба на нашето време, но неговиот морален стоицизам има корења во митот за херојот од фолклорната традиција. Подеднакво сложени задачи имаше и во: „Јад”, „Македонскиот дел од пеколот”, „Најдолгиот пат”, „Време без војна”, „Исправи се Делфина”, рангирани како највисоки уметнички остварувања во македонскиот филм. Г. В. и Р. Ст. Ѓоре Дамески &Боксерот ДАМЕСКИ–БОКСЕРОТ, Ѓоре Симов (Прилеп, 15. Ⅰ 1922 – Скопје, 1995) – народен херој од НОАВМ, политичар и стопанственик. Како раководител на штрајковите на тутунските работници, бил апсен од српската полиција, а како член на КПЈ (од 1941) апсен и од бугарската полиција и лежел во затворите во Битола, Скопје, Бургас и Перник (Бугарија). Потоа заминал партизан (1943) и бил пушкомитралезец, помошник политички комесар на чета и на баталјон на Првата македонско-косовска НОУБ, политички комесар на баталјон на Втората македонска НОУБ, на Првата македонска НОУБ, на Четириесет и деветтата и Педесеттата НО (македонска) дивизија на НОВЈ. По Ослободувањето ја завршил Вишата управна школа во Скопје и бил долгогодишен член и инструктор на ЦК на КПМ/СКМ, генерален директор на Претпријатието за ПТТ сообраќај, пратеник во Републичкото и Сојузното собрание. Носител е на Партизанска споменица 1941 и Орден народен херој на Југославија (29. XI 1953). БИБ.: Борбите во Бошавијата и нападот на Воден, Втора македонска ударна бригада, Скопје, 1973, 93–96. ЛИТ.: Ѓоре Дамески, Бригада на братството и единството, Скопје, 1958, 465–466; истиот, Втора македонска ударна бригада, Скопје, 1973, 157–158; Боро Чушкар, Дамевски Симо Ѓоре–Боксеро (1922), Народни херои од Македонија, Скопје, 1973, 108–113. С. Мл.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *