ДАВЧЕВ, Пенчо Јорданов

ДАВЧЕВ, Пенчо Јорданов (Велес, 15. Ⅵ 1922 – Скопје, 25. XI 1995) – интернист–гастроентеролог, редовен проф. на Мед. ф. во Скопје, академик. Дипломирал на Мед. ф. во Белград (1948). Специјализација по внатрешни болести завршил во 1952 г. Го одбранил хабилитациониот труд „Прилог кон биолошката дијагностика на функционалните и органските заболувања на стомакот” (1957). За редовен проф. бил избран во 1969 г. Бил продекан во два мандатни периода, декан на Мед. ф. и шеф на Катедрата по интерна медицина. Се усовршувал во клиниките за гастроентерологија во Париз, Лондон и Берлин. Под негово непосредно раководство е организирано Одд. за гастроентерологија во состав на Интерната клиника, кое подоцна прераснува во модерна Клиника за гастроентерологија и хепатологија, една од водечките во тогашната Југославија. Тој бил основач на модерната гастроентерохепатологија во РМ. Од воведените нови методи треба да се одбележат: интервентната трансабдоминална вирсунгографија изведувана под контрола на ехо, визуализација на жолчните патишта преку директно уфрлање на контрастно средство под контрола на ехо „реал тиме”, техника со помош на тенка и фина игла, биопсиони техники на абдоминалните органи со сомнителни патолошки творби, ендоскопски истражувања на гастроинтестиналниот тракт, црниот дроб и перитонеумот. Притоа, основната и главна преокупација му е хепатоцелуларниот канцер и вирусниот хепатитис, со што се афирмирал во југословенската медицинска научна јавност и во странство. Негов особен научен придонес претставува изучувањето на црнодробниот карцином особено поврзан со Б–вирусната инфекција. На клиниката формирал имунолошка лабораторија за испитување на хепатитис Б и Ц антигените во хистолошките исечоци на црнодробно ткиво. Дал придонес во употребата на ендоскопијата во гастроинтестиналната дијагностика, како и во лекувањето на асцитот кај црнодробната цироза, за што издал и монографија. Бил претседател на МЛД, член на Редакцискиот одбор на списанијата ММП и „Ацта Медица Иугославица”. Основач е на Секцијата по гастроентерологија при МЛД и бил нејзин претседател повеќе од 20 години, претседател на Здружението за гастроентерологија на Југославија и организатор на повеќе конгреси и симпозиуми. За својата успешна и мошне плодна работа, има добиено голем број признанија. Автор и коавтор е на повеќе од 400 научни и стручни публицирани трудови во наши и во странски медицински списанија. Автор е на учебникот „Клиничка гастроентерологија”, на монографијата „Прирачник по ендоскопија и биопсија во гастроентерологијата” и на „Понови погледи во третирањето на циротичниот асцит со посебен осврт на тврдокорниот облик”. Коавтор е на југословенското издание на учебник по гастроентерологија и хепатологија (1990). Раководел два научни проекта во МАНУ. За дописен член на МАНУ е избран на 21. Ⅻ 1983, а за редовен член на 7. Ⅹ 1988 г. Бил секретар на Одделението за биолошки и медицински науки на МАНУ (1992-1995). Вл. С.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *