ГУШТАНОВ, Димитар Атанасов

ГУШТАНОВ, Димитар Атанасов (с. Крушево, Демирхисарско, Егејскиот дел на Македонија, 1876 – с. Баница, Серско, 4. Ⅴ 1903) – учител и деец на ТМОРО. Ги завршил Педагошкото училиште во Сер и Духовната семинарија во Самоков, по што бил учител во с. Старчишта (Неврокопско). Подоцна завршил право во Лозана (швајцарија) и бил професор во Педагошкото училиште и прв директор на Гимназијата во Сер. Првин пристапил во четата на Михаил Чаков, извесно време Димитар Гуштанов бил инспектор на Серскиот револуционерен округ на ТМОРО, а потоа како драмски околиски војвода на ТМОРО (од почетокот на 1903) учествувал во рушењето на мостот на р. Ангиста и на советувањето во с. Караќор (почеток на февруари 1903), со кое раководел Г. Делчев. Од тука Г. Делчев заминал за Солун на средба со Даме Груев, а на враќање во с. Баница му се придружила и четата на Д. Гуштанов, со кого заедно загинале во борбата со османлиската војска. Селаните ги погребале еден до друг во ист гроб на полјаната под големо брестово дрво. ЛИТ.: Јован Павловски, Огнено семејство, Спомени на Лика Чопова, Скопје, 1978, 139; Д-р Симо Младеновски, Револуционерката Руша Делчева (1868–1945). По спомените на Лика Чопова, Скопје, 1983, 121. С. Мл.