ГРЧКО-СРПСКИ СОЈУЗ

ГРЧКО-СРПСКИ СОЈУЗ (1867-1868). По неколкугодишни тајни преговори, водени со прекини, Кралството Грција и Кнежевството Србија склучиле таен Договор за офанзивен сојуз против османлиската држава за „ослободување на сите христијански народи во европска Турција и на Архипелагот (беломорски)”. Со Договорот (14 / 26. Ⅷ 1867) во Веслај кај Виена било определено и времето за започнување на војната (март 1868). Во случај на тешкотии во војната, за целосно остварување на целите утврдени со Договорот за сојуз, секоја од договорните страни можела да се повлече од војната единствено откако на сојузничката држава ќе $ обезбедела: Србија на Грција ослободување и присоединување на Епир и на Тесалија, а Грција на Србија ослободување и присоединување на Босна и Херцеговина. Во случај на целосно остварување на целите на војната за поделба на другите територии на османлиската држава на Балканот, договориле потпишување на посебен договор. Договориле пропагандно дејствување без територијално разграничување и заеднички да работат на придобивање во Сојузот на Романија. Грција и Србија потпишале Протокол (10. Ⅰ 1868), а и тајна Воена конвенција во Атина (16. Ⅱ 1868). Со Конвенцијата биле утврдени силите, вооружувањето и координацијата на воените дејства, предвидени да се водат на целата територија на европските владеења на османлиската држава, прогласена за заедничко боиште. Притоа, главното внимание било посветено на военостратегиското значење на земјите меѓу Грција и Србија, посебно на Македонија, во која биле маркирани главните стратегиски правци: западен: Солун-Битола кон Охрид и Велес-Скопје; централен: Солун-Скопје-Приштина и јужен: Солун-утоката на р. Бистрица. По убиството на кнезот Михајло (1868) акцијата била прекината. ЛИТ.: Македонија во билатералните и мултилатерални договори на балканските држави, Скопје, 2000; Гргур Јакшић-Војислав Вучковић, Спољна политика Србије за владе Михаила (Први балкански савез), Београд, 1967. М. Мин.