ГРЧКО-СРПСКИ ДОГОВОР ЗА ГРАНИЦАТА

ГРЧКО-СРПСКИ ДОГОВОР ЗА ГРАНИЦАТА (1913). Грција и Србија, како сојузнички, бргу се спогодиле за конечната поделба на окупираните територии во Македонија. По постигнувањето компромис за спорните прашања за Гевгелија и за јужниот дел на Преспанското Езеро, во Белград, Грција и Србија склучиле Договор за грчко-српската граница (3/16. Ⅷ 1913). Според потпишаниот Договор, границата тргнувала од котата 1494 на планината Беласица, минувала преку Дојранското Езеро, меѓу селата Богородица и Мачуково, а оттаму преку р. Вардар минувала северно од с. Сехово преку планините Кожуф и Ниџе, меѓу селата Кенали и Рахманли (оставајќи $ ги Рахманли на Грција), Меџитлија и Негочани, Рахово и Драгош, минувала јужно од с. Долно Дупени преку Преспанското Езеро (оставајќи $ го островот Голем Град на Србија) и излегувала на западниот брег на езерото јужно од с. Коњско. Оттаму продолжувала кон врвот Горица, минувала меѓу селата Блача и Пискупија и завршувала на албанската граница. За одбележување на граничната линија договориле формирање на Мешана комисија. Комисијата била надлежна да изврши поделба на недвижните имоти и на капиталот на окрузите и на општините разделени со границата. Во случај на спор при обележувањето на граничната линија, двете земји договориле арбитража од Владата на Романија или од влада на друга пријателска држава. Мешаната комисија го извршила обележувањето на граничната линија како што било предвидено во Договорот. Границата определена со овој договор остана непроменета по двете светски војни и по прогласувањето на независноста на РМ. ЛИТ.: Српско-грчки споразум од 3/16 августа 1913, Београд, МИД, 1914; Македонија во билатералните и мултилатерални договори на балканските држави, Скопје, 2000. М. Мин.

Напишете коментар