ГРЧКО-СРПСКА КОНВЕНЦИЈА

ГРЧКО-СРПСКА КОНВЕНЦИЈА (нацрт, 1861). Грција и Србија договориле потпишување на специјална билатерална конвенција за сојуз и поделба на сферите на пропагандно дејствување во Македонија и во другите балкански владеења на Османлиската Империја. Тие се обврзале по ратификувањето на Тајната конвенција заеднички да дејствуваат за придобивање на кнезовите на Влашко и на Црна Гора за потпишување Договор за сојуз, чиј текст бил подготвен и приложен кон нацртот на Конвенцијата. Во случај двете кнежевства да откажеле, Грција и Србија се обврзувале да го потпишат договорот за создавање двоен сојуз и да дејствуваат за придобивање на една од европските големи сили да го признае принципот за немешање во работите на Истокот и да влијае да го респектираат тој принцип и другите сили. Со Конвенцијата ги утврдиле и вооружените сили што требало да ги подготви секоја од страните за воени дејства, а наедно и обврските за договарање на мирот и за определувањето на границите. Конвенцијата не била потпишана, Кнежевството Србија било преокупирано со сопствените внатрешни политички состојби. ЛИТ.: Македонија во билатералните и мултилатерални договори на балканските држави (1861–1913), Скопје, 2000. М. Мин.