ГРЧЕВ, Мирослав

ГРЧЕВ, Мирослав (Скопје, 1. Ⅲ 1955) – архитект и урбанист. Дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје (1979), магистрирал на Архитектонскиот факултет во Белград (1982), а докторирал на Архитектонскиот факултет во Скопје (1988). Редовен професор е по предметот урбанистичко проектирање и реконструкција. Освен со педагошка дејност, се занимава и со научноистражувачка работа, со изработка на урбанистички планови и проекти и со архитектонско проектирање. Учествувал на повеќе анонимни урбанистичко-архитектонски конкурси. Се занимава со карикатура и со илустрација, објавени во домашни и странски списанија (од 1968). Позначајни планови и проекти: ДУП на Скопје, во рамките на Малиот ринг (1992– 1997, со В. П. Коробар и М. Пеичиќ); Урбанистички проект за уредување на дел од плоштадот „Македонија” во Скопје (1994, со В. П. Коробар); ДУП за централното градско подрачје на Скопје – Републички центар – на левиот брег (1996–1998, со В. Коробар). Позначајни реализирани објекти: Резиденцијата на амбасадорот на САД во Скопје (1995, со К. Грчев); Амбасада на Кралството Холандија во Скопје (1998, со К. Грчев) и повеќе станбено-деловни објекти во Скопје. БИБ.: Прилог кон проучувањето на континуитетот на Градот Скопје, Скопје, 1981; За проблемот на капацитетот на градовите низ примерот на населбата Буњаковец, „Културно наследство”, Ⅷ, Скопје, 1981; Новата урбана форма и смртта на градот, „Културен живот” 1, Скопје, 1996; Помеѓу машинското и антропиското, „Аршин”, 3, Скопје, 1997; Тези за воспоставување на општа теорија за градскиот простор, Текстови од Ⅶ летна школа за архитектура, Скопје, 1999. Кр. Т.