ГРУПЧЕ, Ристо

ГРУПЧЕ, Ристо (Охрид, 30. Ⅻ 1927) – кустос-советник во Природонаучниот музеј на Македонија во Скопје. Работниот век во најголемиот дел го поминал на работното место кустос и директор (од 1959). По земјотресот во Скопје во 1963 г. со своите соработници ја изработува концепцијата за изградба и уредување на новата музејска зграда. Ги подготвува концепциите за постојаните изложби. Ги организира и ги реализира научноистражувачката, издавачката, педагошката, колекционерската и другите дејности на Музејот. Во соработка со проф. д-р Александар Димовски ја проучуваат ихтиофауната на Македонија и објавуваат повеќе од 26 научни труда, опишувајќи и еден нов подвид за ихтиофауната на Македонија. Р.