ГРУЕВ, Дамјан

ГРУЕВ, Дамјан (Даме) (с. Смилево, Битолско, 19. Ⅰ 1871 – врв Петлец, кај с. Русиново, Малешевско, 23. Ⅻ 1906) – национален деец и револуционер. Се школувал во родното село Смилево, Ресен и Битола, Солун и Белград (гимназија) и во Софија (студирал историја на Високата школа). Во Солунската егзархиска гимнзија „Св. Кирил и Методиј” (1887/1888) учествувал во големиот бунт на учениците за запирање на бугаризацијата, за настава на македонски народен говор, а во Гимназијата во Белград во бунтот против режимот на србизација на македонските ученици. На Универзитетот во Софија формирал македонско националнореволуционерно јадро од студентска група, во која влегле и Петар Поп Арсов, Пере Тошев, Иван Хаџи-Николов и др., која дејствувала под името Млада македонска книжовна дружина (ММКД) и го издавала списанието „Лоза” за афирмирање на македонската национална посебност и за одбрана на македонските национални интереси. Груев се посветил на усната агитација. Бил уапсен и задржан в затвор (1891). Исклучен од Универзитетот. По ослободувањето се вратил во Македонија. Во Битола формирал Револуционерно друштво од младите учители. Од Битола заминал за учител во Смилево, а потоа во Прилеп. Се вратил во Солун, каде што работел како главен коректор во печатницата на Коне Самарџиев. Со Петар Поп Арсов и со Иван Хаџи-Николов формирале Македонска револуционерна група во која влегле: Андон Димитров, Христо Батанџиев (двајцата учители) и д-р Христо Татарчев (лекар) и ги поставиле основите на Македонската револуционерна организација. На конститутивниот состанок (7. Ⅰ 1894) Груев станал прв секретар на Централниот комитет. Од Солун заминал во Штип како главен учител во трикласно училиште. Тука првпат се сретнал со Гоце Делчев (учител во Штипското Ново Село). По враќањето во Солун бил училиштен инспектор. По разговорите во Софија со раководството на Врховниот комитет на македонската емигрантска организација во Бугарија и во Цариград со егзархот (1895) се уверил дека Македонската револуционерна организација не само што не можела да смета на поддршка туку и дека $ претстоело жестоко конфронтирање. Османлиските власти го протерале во Битола (1898), каде што бил уапсен (август 1900) во врска со Попставревата афера и бил осуден на 10 години затвор. Од затворот во Битола одржувал врски, давал инструкции и ја раководел Месната организација. Бил префрлен од Битола (мај 1902) во затворот во Подрум-Кале (Мала Азија), каде што бил заедно со Христо Татарчев и Христо Матов. Во затворот останал 10 месеци (до март 1903). По амнестирањето се вратил во Македонија (во Смилево), а потоа заминал во Солун, каде што имал неколкудневна средба со Гоце Делчев, кој допатувал за да се договорат за отповикување на јануарската одлука на ЦК на ТМОРО за кревање неподготвено востание. Груев не отстапувал и пред силата на аргументите и пред инсистирањето на Делчев, решен самиот да ја преземе фаталната одговорност. Разговорот Груев го завршил со зборовите: „Доста е, подобро ужасен крај, отколку ужас без крај!” и отпатувал за Битола, на пат за Смилево. Во почетокот на мај преседавал на Конгресот на Битолскиот револуционерен округ. Бил избран Главен востанички штаб во состав: Дамјан Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов. На 2 август било кренато Илинденското востание. Груев го доживеал мигот на историскиот чин, но и ужасите на страдањата на својот народ решен по секоја цена да се бори и да се избори за слобода и за своја држава. По неколкумесечните исцрпувачки борби со огромната, модерно вооружена непријателска армија, Главниот востанички штаб донел одлука за запирање на Востанието со цел народот да се поштеди и да се зачуваат силите и кадрите на движењето. По Востанието Г. останал во Битолско со народот за да работи на консолидирање на Организацијата. Учествувал на подвижниот Прилепски конгрес (мај 1904), се застапувал да про-должи да функционира Организацијата, централизирана како тајна држава во османлиската држава, како „подземна Република”. Претседавал на Општиот конгрес на Револуционерната организација (1905) и бил избран за член на Централниот комитет. Се ангажирал за надминување на поделбите. Единството постигнато на Конгресот траело кратко. Груев одлучил да се врати на теренот во Македонија. Загинал во борбата на врвот Петлец кај с. Русиново Убиениот Дамјан Груев (1906) (Малешевско). Населението од Русиново го погребало во дворот на селската црква. Подоцна неговите телесни останки биле пренесени во с. Смилево. Загинувањето е опеано и во малешевската народна песна „Низ Петлец идат трима војводи”. ЛИТ.: Даме Груев (1971–1906). Истражувања и материјали, Битола, 1971; Спомени на И.Х. Николов, Д. Груев, Б. Сарафов, Ј. Сандански, М. Герџиков, д-р Х. Татарчев. Стручна редакција д-р Иван Катарџиев, Скопје, 1995; Димитар Димески, Македонското националноослободително движење во Битолскиот вилает (1893–1903), Скопје, 1981; Манол Пандевски, Илинденското востание, Скопје, 1978; Ванчо Георгиев, Слобода или смрт. Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893–1903, Скопје, 2003. М. Мин.