ГРЛИЧКОВ, Александар

ГРЛИЧКОВ, Александар (Штип, 18. Ⅰ 1923 – Струга, 26. Ⅶ 1989) – државник, политички деец, економист и теоретичар. Основно и средно образование завршил во родниот град (1941). Студирал на Универзитетот „Св. Климент Охридски” во Софија. Поради учеството во НОБ од 1942 г. често бил затворан, па морал да ги напушти студиите. По Ослободувањето, и покрај функциите што ги имал (директор на Заводот за планирање, министер за финансии, потпретседател и претседател на Извршниот совет на СРМ), го завршил Економскиот факултет во Белград. Во 1965 г. бил именуван најпрвин за член, а подоцна за потпретседател на Сојузниот извршен совет, задолжен да ги имплементира идеите на стопанската реформа. Во 1954 г. е избран за доцент, во 1960 г. за вонреден професор на Економскиот факултет на Скопскиот универзитет по предметот стопанско планирање во Југославија. Кога по 1965 г. заедно со семејството се преселува во Белград, избран е на Факултетот за политички науки на Белградскиот универзитет за редовен професор по предметот меѓународни економски односи. Предавал на постдипломските студии на Загрепското свеучилиште, како и на Правниот факултет на Универзитетот во Скопје. Бил надворешен соработник на Институтот за општествени науки и на Институтот за политички студии на Факултетот за политички науки во Белград, на Институтот за економски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје и на Економскиот институт во Белград. Бил претседател на Советот на интернационалната трибина „Социјализмот во светот” (Цавтат), претседател на Советот на списанието „Економска политика”, уредник на „Популарната енциклопедија” на БИГЗ, на „Економската енциклопедија”, како и главен и одговорен уредник на сп. „Социјализам”. Неговите дела се преведени на повеќе странски јазици, меѓу кои и на кинески. Во економијата се залагал за пазарно стопанство, а во политиката за политички плурализам и против еднопартискиот монопол. БИБ.: Економските односи меѓу социјалистичките земји. Теорија и практика во развојот на СЕВ, Ск., 1973; Меѓународни економски односи (Колективен труд), Загреб, 1973; Политички фактори у процесу проширене репродукције, Београд, 1974; Европа во очите на комунистите, Скопје, 1977; Современиот свет и социјализмот, Скопје, 1981; Крстопатите на социјализмот, Скопје, 1984; Да ли је социјализам могуќ, Зг., 1990. ЛИТ.: Георги Старделов, Разорување на догмите, Прво издание, Скопје, 2005; Мислител наспроти догмите, Второ издание, Скопје, 2006; Љубисав Марковиќ, Критички опсервации и научна визија, Разорување на догмите, Скопје, 2005; Кирил Темков, Мислител со стил, Разорување на догмите, Скопје, 2005. Г. Ст. ГРЛИЧКОВ, Мане Павлов