ГОЦЕВСКИ, Трајан

ГОЦЕВСКИ, Трајан (с. Селник, Делчевско, 20. Ⅰ 1950) – економист, унив. професор, декан на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Основно и средно образование завршил во Делчево, а дипломирал на Економскиот факултет во Скопје (1973), каде што и магистрирал со темата „Развојот на малото стопанство” (1982) и докторирал на темата „Меѓузависноста и влијанието на подготовките за одбрана и стопанскиот развој” (1987). Работел во Фабриката „Фротирка” во Делчево (1973-1974), потоа бил претседател на Извршниот совет на Собранието на Општината Делчево (1974-1978), како економски советник во Владата на СРМ (1978-1981) и секретар на Републичкиот одбор за сообраќај и врски (1981-1988). Бил ангажиран и како предавач по предметот економика на Економскиот факултет во Скопје. Бил избран за доцент на Филозофскиот факултет во Скопје (1988) по предметите политичкиот и економскиот систем и одбраната на Македонија и економика на одбраната, а вонреден (1990) и редовен професор (1990) за истите предмети и економика на образованието со менаџмент. Бил раководител на постдипломските студии на Институтот за одбранбени и мировни студии, професор по предметот системот на одбраната на Република Македонијасо теорија на заштитата. Исто така, тој е професор за предметот разрешување и трансформација на конфликтите на Студиите по мир и развој и за Европската безбедност на Европските студии за интеграции и комуникации. Истовремено тој е долгогодишен декан на Филозофскиот факултет (од 1991-2009). Беше член на Владата на Република Македонијаи прв цивилен министер за одбрана (1992). Бил заменик-директор на Бордот на МБИ на Универзитетот во Кембриџ, член е на меѓународниот борд за реформи во безбедносниот сектор на ЈЕ при ДЦАФ (Женевски центар за демократска контрола на вооружените сили), член на Советот за национална безбедност на РМ, претседател на Меѓународната научно-културна манифестација „Гоцеви денови” и главен и одговорен уредник на сп. „Современа македонска одбрана”. Член е на Советот на Лондонската дипломатска академија и член на Советот на ЦСИ при МАНУ. Тој е архитект на мирното оддвојување од СРЈ и творец на моделот на Одбраната на РМ. Автор е на околу 50 книги и 250 други прилози. БИБ.: Развојот на малото стопанство, Скопје, 1983; Планирањето на семејството, Скопје, 1988 (коавтор); Политичкиот и економскиот систем на ПЗТ, Скопје, 1989; Одбраната на Македонија, Скопје, 1991 (второ издание, 1992); Економика на одбраната, Скопје, 1992 (второ издание 1996); Колективната безбедност и одбраната на Македонија, Куманово, 1993 (второ изменето и дополнето издание 1994); Економика на образованието, Битола, 1992 (второ изменето и дополнето издание Куманово, 1996); Политичкиот и економскиот систем и одбраната на Република Македонија, Скопје, 1994 (преработено издание 1995 и 2001); Неутрална Македонија, Куманово, 1995 (второ издание Скопје, 1995); Основи на одбранбено-заштитниот систем на Република Македонија, Кочани, 1995; Современи тенденции на одбраната, Куманово, 1997; Образовен менаџмент, Куманово, 1997; Разрешување и трансформација на конфликти, Куманово, 1999 (коавтор); Одбранбено осамостојување на Македонија – чекор кон суверена држава, Куманово, 2000; Кризен менаџмент, Куманово, 2001 (со коавтор, второ издание 2002); 2000 години христијанство – 2000 години учење за мир, Куманово, 2002 (со коавтор). С. Мл.