ГИНОСКИ, Панајот

ГИНОСКИ, Панајот (Галичник, 1842 – Врање, 8. Ⅷ 1886) – фолклорист, преродбеник, зограф, лексикограф, етнограф. Основното образование го добил од татко му Крсте кој бил учител, а на 14-годишна возраст започнал да го учи зографскиот занает кај прочуениот галички зограф Ѓурчин Фрчковски. Потоа заминал на печалба во Бугарија. Во Карлово си го повредил глуждот на ногата и бил принуден да се врати во Галичник, каде што останал уште 17 години, прикован за постела и неспособен за физичка работа. Во тоа време се занимавал со препишување книги, запишување народни умотворби, обичаи, изработка на речник и др. Во пот-рага по подобри услови за живот семејството се преселило во Врање (1881), каде што тој починал. Запишаните материјали што останале во ракопис брат му Алексо му ги дал на рускиот конзул во Црна Гора Павел А. Ровински, кој ги објавил во продолженија во петроградското списание „Живая старина“ (Ⅹ–ⅩⅣ, 1899–1905). ЛИТ.: Избрани дела, кн. 2, Скопје, 1988, 592; Нина Анастасова-шкрињариќ, Панајот К. Ѓиноски, Скопје, 2000. М. Кит.