ГИНОВСКА-ИЛКОВСКА, Весна

ГИНОВСКА-ИЛКОВСКА, Весна (Скопје, 2. Ⅳ 1972) – оперска певица, сопран, првенка на Операта на МНТ. Дипломирала солопеење на Факултетот за музичка уметност (1994) во Скопје (проф. М. Ефтимова), а магистрирала на Белградската музичка академија (проф. Р. Бакочевиќ). Дебитирала на оперската сцена на МНТ (1996) со улогата на Микаела во операта Кармен. Истата година е ангажирана како постојан член на оваа музичка институција. Таа е носителка на повеќе главни улоги: Леонора (Трубадур), Флорија Тоска (Тоска), Аида, Дона Леонора (Моќ на судбината), Чо-Чо-Сан (Мадам Батерфлај), Лиу (Турандот), Дездемона (Отело), Мими (Боеми), Ирена (К. Македонски – Цар Самуил), Лидија (Р. Аврамовски – Лидија од Македонија). Настапувала и на концертниот подиум, изведувајќи рецитали на соло-песни и вокалноинструментални дела. Таа е уметник со богат гласовен материјал, динамична и вдахновена артистична визија, вокална префинетост, совршена интонација и јасно диференциран тонски јазик. Гостувала во повеќе европски земји (Бугарија, Србија и Црна Гора, Словенија, Хрватска, Данска, Германија, Турција, Италија, Франција). Ф. М.