ГЕРЏИКОВ, Михаил

ГЕРЏИКОВ, Михаил (Мишел) Иванов (Пловдив, 26. Ⅰ 1877 – Софија, 18. Ⅲ 1947) – учител, анархистички и револуционерен деец и војвода на ТМОРО (од бугарска националност). Како студент по право во Женева ги формирал т.н. Женевска група со анархистички идеи и Македонскиот таен револуционерен комитет. Како учител во Битолската гимназија, под името Тодор Луканов, бил уапсен (1899) и потоа заминал во Солун и станал член на ЦК на ТМОРО (1900). Извесно време бил борец во четата на Христо Чернопеев, а потоа (1901) војвода на чета во Солунско, Кукушко, Струмичко и во Дојранско. Подоцна дејствувал во Одринско, каде што бил член на Главното боево тело на востанието (1903). Во Балканските војни (1912-1913) учествувал на чело на доброволечки одред, а по Првата светска војна (1914-1918) ги поддржувал дејците на Серската група. Бил потписник на Апелот до македонското население и емиграцијата во Бугарија (9. Ⅲ 1919), а потоа учествувал и во формирањето на Привременото претставништво на обединетата бивша ВМРО. По престојот во емиграција (1924-1931), го поддржал создавањето на ВМРО (Об) и станал нејзин член (1925), но потоа застанал на чело на отцепниците (1928-1929). Пројавил богата публицистичка дејност (1909-1944). Бил доследен антифашист и го поддржал Бугарскиот народен фронт. Оставил и свои богати мемоари. ЛИТ.: Изменниците на македонското дело, Прага, 1926; Н. Спиров, Михаил Гер-джиков, „Бележити бљлгари”, т. 4, Со-фиџ, 1971; Јован Павловски, Огнено семејство. Спомени на Лика Чопова, Скопје, 1978, 138; Бугари – соборци на Гоце Делчев. Внуката на Гоце Делчев, баба Лика Чопова-Јурукова кажува за директното учество на голем број Бугари во македонското револуционерно движење, „Гоцеви денови – Песна за Гоце 1981”, Ⅶ, 7, Скопје, 7. Ⅱ 1981, 16; Д-р Симо Младеновски, Револуционерката Руша Делчева (18681945). По спомените на Лика Чопова, Скопје, 1983. С. Мл. Нада Гешоска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.