ГЕРОВ, Матеј

ГЕРОВ, Матеј (Тетово, 14. XI 1871 – Софија, 20. Ⅷ 1918) – македонски деец, член на Женевската група, бугарски новинар. Студира на Правниот факултет во Софија. На 27. IX 1903 г. се пријавува да ги продолжи студиите во последниот семестар на Правниот факултет во Белград. Како член на МРО од крилото на „сарафистите“, испратен е да го аранжира пречекот на Б. Сарафов во српската престолнина за разговорите со српските државници и новинари (ноември 1903). Ја поддржува националната програма на Македонскиот клуб и на в. „Балкански гласник“ и изјавува во печатот дека „не е ни Србин, ни Бугарин, туку Македонец“. Во следната година ја напушта Србија. Подоцна учествува во формирањето на Сојузот на бугарските конституциони клубови (1908) и, како новинар, наполно се предава во служба на бугарската политика во Македонија. ИЗВ.: Архив Србије, Белград, ф. Вш, В114/1903; Вш, В-94/1904 и Вш, И–12/1904; „Македонија”, Ⅶ, 5, Белград, 1. Ⅱ 1904, 1. Бл. Р.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.