ГЕРМАН, Гаврил (Ⅹ в.) – прв поглавар на Охридската архиепископија, поставен од царот Самуил, а го потврдил римскиот папа. Бил близок на владејачката фамилија на царот Самуил и уживал голема почит. Се смета дека по него го добил името царот Гаврил Радомир, првородениот син на Самуил. Бил на чело на Архиепископијата во првите децении на Самуиловото Царство, кога нејзиното седиште се наоѓало во Преспа. Во Преспа и починал кон крајот на Ⅹ в. Според преданието кај локалното население, бил погребан во црквата на денешното преспанско село Герман (денес во РГ), кое по него го добило и своето име. ЛИТ.: Ј. Белчовски, Охридската архиепископија од основањето до паѓањето на Македонија под турска власт, Скопје, 1997. К. Аџ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.