ГЕОТЕКТОНСКИ ЕДИНИЦИ ВО РМ – територијата на РМ припаѓа на 5 геотектонски единици: Осоговско-малешевски масив, Вардарска зона, Пелагониски масив, Западномакедонска зона и Цукали-Краста зона. Сите единици имаат генерално с–ј до ссз–јји ориентација и ограничени се со раседи од регионален карактер. Осоговско-малешевски масив (познат и како Српско-македонски масив) ги опфаќа источните делови на Македонија и е изграден од долен прекамбриски метаморфен комплекс (гнајсеви, микашисти, амфиболити) и горен рифеј-камбриски комплекс (базити и шкрилци), и од реликти од палеозојски карпи, сите испробиени со херцински гранитоиди. Вардарската зона се протега низ централните делови на Македонија, по течението на реката Вардар. Тоа е геотектонска единица на чиј простор во јура била отворена земјината кора и се формирал тесен океан, кој се протегал од Панонскиот басен на север кон југ преку Бел-град – Јужна Србија – долината на реката Вардар – Солунски Залив. Карактеристична е со силна тектонизираност на прекамбриските, палеозојските, мезозојските и палеогенските комплекси, кои се јавуваат во лушпи, навлаки и блокови навлекувани од ИСИ кон ЗЈЗ, како и со присуство на океански тип на кора (ултрабазити, габро, базалти, пелашки седименти). Пелагонискиот масив претставува централен масив, со фор-ма на хорст-антиклинориум, сместен меѓу Вардарската зона и Западно-македонската зона. Изграден е од прекамбриски долен комплекс на гнајсеви, микашисти, амфиболити и гранитоиди, од мешана и од мермерна серија. Западномакедонската зона ги опфаќа западните терени од Македонија и е изградена од старопалеозојски нискометаморфни карпи и херцински гранитоиди и мезозојски седименти. Цукали-Краста зоната, широко распространета во Албанија, со еден мал дел е развиена кај Дебар. ЛИТ.: Н. Думурџанов, Г. Петров, Литостратиграфски и хемиски карактеристики на Вардарската океанска кора на територијата на Македонија, „Ⅻ Конгрес на геолози на Југославија”, кн.1, Ох-рид, 1990; М. Арсовски, Тектоника на Македонија, 1997; М. Арсовски, Тектонска карта на Македонија, 1998. Н. Дум.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.