ГЕОРГИЕВСКИ, Ташко

ГЕОРГИЕВСКИ, Ташко (Кронцелево, Воденско, 15. Ⅲ 1935) – писател, прозен белетрист, романсиер, новинар, хроничар на страдањата на егејските Македонци. Работел во редакцијата на весникот „Млад борец” и во списанието „Современост”. Бил уредник во Македонската радиотелевизија и во издавачките куќи „Мисла” и „Македонска книга”. Член е на ДПМ од 1957, а на МАНУ од 1983 г. Член е и на Македонскиот ПЕН центар. Т. Г. е писател со развиена историска меморија, но и со колоритен егејски хронотоп (тематски и стилски единствен во нашата литература, негуван и од П. ширилов, К. Мисиркова-Руменова, И. Чаповски, П. Гилевски, Р. Јачев, К. Мангов). Во традицијата на документарното (мемоарското) сведочење се автобиографските записи поместени во неговата книга „Плочата на животот” (1988). Овие записи може да се читаат и како непретенциозни коментари на писателовата иманентна поетика, која пак отворено говори за генезата на темите и мотивите во неговите раскази и романи. Како приврзаник на поетиката на откорнатиштвото и егзодусот со проширени регистри на национални и универзални значења, тој во својата приказна скоро редовно тргнува од некој животен податок, од некој конкретен историски момент ситуиран во Втората светска војна и особено во време на Граѓанската војна во Грција, како и во егејскиот егзодус, и во македонската дијаспора воопшто. Во неговиот наративен исказ, со белег на миметичка конвенција, учествуваат и историјата, и идеологијата, и политичките и моралните идеи на времето, па и етосот на поединецот и на националниот колектив. ДЕЛ: збирки раскази: Ние зад насипот (1957), Суви ветрови (1964), Куќа под калето (1964); романи: Луѓе и волци (1960), Ѕидови (1962), Црно семе (1966), Змиски ветар (1969), Црвениот коњ (1975), Време на молчење (1978), Рамна земја (1981), Кајмакчалан (1992), Исчезнување (1998); филмски сценарија: Црно семе, Црвениот коњ, Жолтиот трендафил и Преку езерото. ЛИТ.: Миодраг Друговац, Историја на македонската книжевност ⅩⅩ век (1990); Венко Андоновски, Структурата на македонскиот реалистичен роман (1997); Лорета Георгиевска-Јаковлева, Отворен круг (1997); Христо Георгиевски, Македонскиот роман 1952-2000 (2002). В. М. – Ч. Христо Георгиевски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.