ГЕОРГИЕВСКИ, Михајло

ГЕОРГИЕВСКИ, Михајло (с. Блатец, Виничко, 7. Ⅱ 1940) – книжевен историчар, истражувач на старите ракописи во Македонија. По завршувањето на средното образование, една година бил учител во с. Цера, Кочанско. Како студент во трета година, бил наставник во Гимназијата „Ванчо Прке“ во Виница. По дипломирањето на Филозофскиот факултет (Група за македонски јазик и литература на народите на СФРЈ) во Скопје (1964), една година бил професор во Гимназијата „Наум Наумовски-Борче“ во Крушево, а потоа една година бил на усовршување на францускиот јазик во Франција. По враќањето се вработил во НУБ „Климент Охридски“ во Скопје како соработник, виш стручен соработник (1973) и библиотекарски советник (1983) за Збирката редок библиотечен материјал (1968–1974) и за Ракописната збирка (1974–2002). Докторирал на Сараевскиот универзитет на тема „Културно-просветната и политичката улога на библиотекарството во Вардарска Македонија меѓу двете светски војни“ (1982). Бил избран за виш научен соработник (1987). Последната деценија (до пензионирањето) работеше како научен советник во Институтот за старословенска култура-Прилеп. Како член на ВМРО-ДПМНЕ, беше пратеник во Собранието на Република Македонија (1998-2002). БИБ.: Македонската печатарска дејност (1515–1913), Скопје, 1972; Манастирските библиотеки и училишта во Македонија до 1912 година, Скопје, 1975; Македонското книжевно наследство од XI–ⅩⅤⅠⅠⅠ век, Скопје, 1979; Каталог на старопечатените и ретки книги во НУБ „Климент Охридски“ – Скопје, кн. 1–3, Скопје, 1983 и 1988; Културно-просветната и политичката улога на библиотекарството во Вардарска Македонија меѓу двете светски војни, Скопје, 1989; Словенски ракописи во Македонија (откриени од 1975-1985), кн. Ⅲ и Ⅳ, Скопје, 1988; Словенски ракописи во Македонија, кн. Ⅴ и Ⅵ, Скопје-Прилеп, 1993; Македонски светци – живот и култ, Скопје, 1997; Словенски ракописи во Македонија, кн. Ⅶ и Ⅷ, Скопје, 2000; Прилози од старата македонска книжевност и култура, Скопје, 2007; Општохристијански култни светци во Македонија – живот и култ, Скопје, 2008. С. Мл. Никола Георгиевски