ГАШЕВСКИ, Миливој

ГАШЕВСКИ, Миливој (Скопје, 5. Ⅹ 1924) – географ. Основно и средно образование завршил во Скопје. На Филозофскиот факултет, Група географија, дипломирал во 1950 г. Како службеник и професор во средно училиште работел до 1957 г., кога се вработил во научната институција Завод за водостопанство во Скопје како научен соработник. Докторирал на тема „Планина Бистра – физичко-географски проучувања” (1960). За доцент на Институтот за географија на ПМФ во Скопје бил избран во 1974 г., за вонреден професор во 1975 г. и во 1980 г. за редовен професор. Ги предавал предметите хидрологија и климатологија. Бил член на Македонското географско друштво од неговото основање и негов секретар, член на Српското географско друштво, продекан на Географскиот факултет, главен уредник на списанијата „Водостопаски проблеми” и „Географски разгледи”. Објавил повеќе од 100 научни, научно-стручни и научнопопуларни трудови, главно од областа на физичката географија и хидрологијата. БИБ.: Дебарска Котлина – геоморфолошки забележувања, „Гласник Српског географског друштва”, св. 33, Београд 1953; Карстниот релјеф на планината Бистра, „Географски разгледи”, кн. 1, Скопје, 1962; Водите на СР Македонија, Скопје, 1972. ЛИТ.: Драган Василевски, Четириесет и пет години научна дејност на проф. д-р Миливој Гашевски, „Годишен зборник на ПМФ” – Географија, кн. 33-34, Скопје, 1999. Ал. Ст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.