ГАРЕВСКИ, Александар

ГАРЕВСКИ, Александар (Гостивар, 5. XI 1912 – Скопје, 10. IX 1988) – град. инж., ред. проф. на Градежниот факултет во Скопје (1965 до пензионирањето во 1979) по предметите хидраулика, хидрологија, речна хидротехника и водни патишта, еден од доајените на хидротехниката кај нас. Дипломирал на Техничкиот факултет во Белград. По Втората светска војна бил заменик-министер за градежништво на Македонија, по што успешно завршил одговорна задача во „Хидроелектропроект” – реализација на ХС „Маврово”. На Техничкиот факултет во Скопје работел од основањето. Напишал два учебника –„Хидрологија” и „Пловни патишта и пристаништа”. Одиграл пионерска улога во развојот на хидротехниката во нашата земја, водејќи ја реализацијата на значајни хидротехнички објекти. Бил проректор на Универзитетот (1965–67), учесник во НОБ, делегат на Првото заседание на АСНОМ (1944).Љ. Т.