ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ

ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ (с. Осиче, меѓу Крива Паланка и Кратово, XI в.) – пустиножител, аскет, преподобен, чудотворец; заедно со преподобните Јоан Рилски, Јоаким Осоговски и Прохор Пчињски се основоположници на јужнословенското и македонско еремитско (анахоретско) монаштво. Се подвизувал и аскетувал во околината на Злетовска Планина. Неговата светост и култ се посветени на Лесновскиот манастир „Св. архангели Михаил и Гаврил“. Во житијата се среќаваат податоци дека тој го изградил или се замонашил во манастирот и оттаму заминал во околината на подвизување. Неговиот светителски култ се ширел и се развивал преку религиозно-духовната, книжевната, музичката, ликовната и народната традиција. За него биле составени житија и служби во втората половина на XI, во ⅩⅠⅠⅠ и во втората половина на ⅩⅤⅠ или најдоцна во ⅩⅤⅠⅠ в. Култот на преп. Гаврил бил одржуван и во сликарската традиција со сликањето на негови портрети по фрескоживописите, иконите, ракописите и по другиот црковен инвентар, како и во народното творештво, во голем број месни преданија и легенди.ЛИТ.: И. Велев, Свети Гаврил Лесновски во книжевната традиција, Скопје, 1996; Цв. Грозданов, Портрети на светителите од Македонија од IX–ⅩⅤⅠⅠⅠ век, Скопје, 1983, 159–180; В. Стојчевска-Антиќ, Локални хагиографии во Македонија, Ⅱ изменето и дополнето издание, Скопје, 2003, 50–55 и 156–177; П. Сланкаменац, Легенде о јужнословенским анахоретима, „Гласник Скопског научног друштва“, књ. 1, Скопље, 1925, 215–235. И. Вел. Гаврил Радомир (прв од десно), минијатура од т.н. мадридски ракопис (XI/Ⅻ в.)