ГАВРИЛОВ, Никола

ГАВРИЛОВ, Никола (Штип, 11. Ⅹ 1927) – град. инж., ред. проф. на Градежниот факултет во Скопје (1978–1987 г.) по предмети од областа на патиштата. Студирал со првата генерација студенти на Техничкиот факултет во Скопје. Тој е еден од основоположниците на современиот пристап во наставата за проектирање патишта и основач на Лабораторијата за коловозни конструкции на Факултетот. Предавал на првите постдипломски студии од насоката Патишта и железници. Бил декан (1981–83), претседател на Управниот одбор на Републичкиот фонд за патишта (1972–75), претседател на Друштвото за патишта на Македонија (1977–79) и претседател на Сојузот на друштвата за патишта на Југославија (1987–90). Преку апликативната работа извршил силно влијание на изградбата на современата патна мрежа во Македонија. Напишал учебник за предметот патишта. Љ. Т.