ГАВАЗОВ, Јордан Ицков

ГАВАЗОВ, Јордан Ицков (Прилеп, 1869 – Прилеп, 1899) – војвода на ТМОРО. Бил член на првиот МК на ТМОРО во Прилеп (1894), формиран од Даме Груев. За соработката со четата на прилепскиот војвода Диме Дедото, бил уапсен во затворот во Битола (1895), но успеал да избега и емигрирал во Софија. Со учителот Христо Чемков, од тамошната македонска емиграција формирал чета и со неа стигнал во Прилепско. При престој во Прилеп со Х. Чемков и други двајца комити (1899), биле опколени од турската војска. Откако го убил османлискиот полициски писар што ја предводел потерата, се бореле до последните куршуми, по што се самоубиле. ЛИТ.: Македонски возрожденци и револуционери, Скопје, јуни 1950, 63; Прилеп и Прилепско низ историјата, книга прва, Од праисторијата до крајот на Првата светска војна, Прилеп, 1971, 250-251 и 253. С. Мл.