ВУКМАНОВИЌ-ТЕМПО, Светозар

ВУКМАНОВИЌ-ТЕМПО, Светозар (с. Подгор, кај Бар, Црна Гора, 14. Ⅷ 1912 – Режевиќи, Црна Гора, 6. Ⅻ 2001) – правник, комунистички деец, генерал-потполковник, југословенски политичар и државник. Како член на КПЈ (1935) и професионален револуционер, подолго време работел на консолидацијата на организациите на КПЈ во Србија и Македонија (1937-1940). На Петтата Земска конференција на КПЈ бил избран за член на ЦК на КПЈ (1940). Бил еден од организаторите на НОАВЈ, член на Врховниот штаб на НОВ и ПОЈ и командант на Главниот штаб на НОВ и ПО за БиХ (1941-42). Како делегат на ЦК на КПЈ и на Вш на НОВ и ПОЈ, бил испратен на партиска и воена работа во Македонија (кон крајот на февруари 1943). Дал придонес во формирањето на ЦК на КПМ, дејноста на Гш на НОВ и ПОМ, активностите за формирањето на Балкански штаб (лето 1943) и во подготовките на Манифестот на Гш на НОВ и ПОМ. Бил учесник во Февруарскиот поход и во Пролетната офанзива во Македонија (1944), учествувал на состанокот на македонската делегација на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ со НКОЈ (Вис, јуни 1944), бил учесник на Првото и на Второто заседание на АСНОМ и учествувал во преговорите на македонското раководство со претставниците на бугарската отечественофронтовска влада во Софија (кон крајот на септември 1944). По војната извршувал значајни функции во Федерацијата: потпретседател на СИС, претседател на ССЈ (19581967), член на Претседателството на ЦК на СКЈ. Објавил повеќе публицистички и мемоарски книги. Носител е на Партизанска споменица 1941 и на орден Народен херој на Југославија (1951). БИБ.: О народној револуцији у Грчкој, Београд, 1949; Економски проблеми Југославије, Београд, 1954; Синдикати у новим условима, И–Ⅱ, Београд, 1962-63; Привредни развој и социјалистика изграднја (1948–1958), Београд, 1964; Избрани говори и чланци, Београд, 1964; Револуција која тече, И–Ⅱ, Београд, 1971; Борба за Балкан, Београд. 1980. ИЗВ.: Извори за ослободителната војна и револуцијата во Македонија 1941–1941, том И, кн. 1–7, Скопје, 1968–1983. ЛИТ.: Македонија од устанка до слободе 19411945. (Зборник радова), Београд, 1987. С. Мл.