ВТОРИОТ СОЛУНСКИ ОКРУЖЕН КОНГРЕС НА ТМОРО

ВТОРИОТ СОЛУНСКИ ОКРУЖЕН КОНГРЕС НА ТМОРО (Солун, 10–12. Ⅷ 1905) – еден од најзначајните окружни конгреси во периодот од Илинденското востание до Рилскиот општ конгрес на Револуционерната организација. Востанието постави многу сериозни прашања што бараа преиспитување и преоценка на организацијата, целите и односите со соседите и со меѓународните фактори, но и на програмата, стратегијата и тактиката на натамошната борба. Уште во 1903 и 1904 г. се организираат разни советувања и неколку окружни конгреси. Во јуни 1905 г. е одржан и конгрес на Солунскот револуционерен округ. Опасноста од поделба на земјата станува сè поизгледна. Како подготовка за претстојниот Рилски општ конгрес на ТМОРО, во Солун е свикан Втор окружен конгрес, на кој присуствуваат по еден делегат од Солунскиот, Кукушкиот, Дојранскиот, Тиквешкиот, Гевгелискиот и Воденскиот револуционерен реон, а наместо делегат ениџевардарци писмено го испраќаат своето мислење. Опширниот Протокол од Конгресов во 10 точки критички ги синтетизира своите согледувања и заклучоци за ситуацијата и во Организацијата и во земјата и донесува стриктни препораки за претстојниот општ конгрес. За делегати на Рилскиот конгрес се избрани: Борис Мончев и војводите Аргир Манасиев и Добри Даскалов. ЛИТ.: Блаже Ристовски, Протокол на Вториот солунски окружен конгрес (одржан во Солун од 10-12. Ⅷ 1905 година), „Современост“, ⅩⅣ, 3, 1964, 305-319 шИстото во кн. Столетија на македонската свест. Истражувања за културно-националниот развиток, Скопје, 2001, 327-345ќ; Иван Катарџиев, Прилог кон проучувањето на ВМРО по Илинденското востание. Записник од Вториот конгрес на Солунскиот револуционерен округ, „Гласник на ИНИ“, Ⅹ, 1, 1965, 231-251. Бл. Р.