ВРНЕЖИ ВО МАКЕДОНИЈА

Карта на средните годишни количества врнежи во мм по височина во периодот 1961-1990 г. (

ВРНЕЖИ ВО МАКЕДОНИЈА. Врнежите во Македонија се главно од дожд, а во зимскиот период има и снег. Уделот на снегот на височина од 400 м н.в. во вкупната количина на врнежи е околу 10%, а на височина од 1.500 м повеќе од 30%. Географската распределба на врнежите во Македонија е доста неправилна, условена главно од комплицираниот релјеф, општата и секундарната циркулација на воздухот и од настанувањето на врнежите со термичка конвекција. Според географската распределба на врнежите најсушен простор во Македонија е нејзиниот централен дел (од Градско до Скопје, како и Радовишкото и Прилепското Поле), со просечно годишно количество на врнежи од 440 до 492 мм. Од ова подрачје врнежите се зголемуват во сите правци. Тие во Прилепско, Штипско, Кочанско и Делчевско Поле се 500–600 мм, а во Струшкиот, Ресенскиот крај и во долниот тек на Вардар се 700 –800 мм. Најмногу врнежи добиваат планините на запад од реката Вардар, а посебно планините на македонско-албанската граница. Најмногу врнежи во Македонија има во сливот на реката Радика, над 1.400 мм, а над 1.000 мм имаат источните падини на Кораб и Јабланица и подрачјето на Мавровско Езеро. На планината Јакупица се околу 1.000 мм, а на планините во Источна Македонија, источно од реката Вардар се под 1.000 мм годишно.

Просечна годишна количина на врнежите по мерни места во Република Македонија во периодот 1961-1990 г

 

Врнежите најмногу се наесен, во месеците октомври и ноември. Споредниот максимум е во април и мај. Во Македонија се чести и појавите на поројни врнежи во летниот период проследени со појава на град. Најградобијни подрачја се Беровско, Кумановско, Гевгелиско, Струмичко и Пелагониско. Појавите на град ги има секоја година и тоа во месеците мај и јуни, а во некои години и во другите месеци и предизвикуваат значителни штети, кои секогаш се ограничени на помали површини. ЛИТ.: Ангел Лазаревски, Климата во Македонија – врнежите во СР Македонија, „Географски разгледи”, кн. 8–9, Скопје, 1971; Михаило Зиков, Клима и климатска регионализација во Република Македонија, „Географски разгледи”, бр. 30, Скопје, 1995. М. З.

. Извор: А. Лазаревски, 1993 г.)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.