ВРНЕЖИ ВО МАКЕДОНИЈА

ВРНЕЖИ ВО МАКЕДОНИЈА. Врнежите во Македонија се главно од дожд, а во зимскиот период има и снег. Уделот на снегот на височина од 400 м н.в. во вкупната количина на врнежи е околу 10%, а на височина од 1.500 м повеќе од 30%. Географската распределба на врнежите во Македонија е доста неправилна, условена главно од комплицираниот релјеф, општата и секундарната циркулација на воздухот и од настанувањето на врнежите со термичка конвекција. Според географската распределба на врнежите најсушен простор во Македонија е нејзиниот централен дел (од Градско до Скопје, како и Радовишкото и Прилепското Поле), со просечно годишно количество на врнежи од 440 до 492 мм. Од ова подрачје врнежите се зголемуват во сите правци. Тие во Прилепско, Штипско, Кочанско и Делчевско Поле се 500–600 мм, а во Струшкиот, Ресенскиот крај и во долниот тек на Вардар се 700 –800 мм. Најмногу врнежи добиваат планините на запад од реката Вардар, а посебно планините на македонско-албанската граница. Најмногу врнежи во Македонија има во сливот на реката Радика, над 1.400 мм, а над 1.000 мм имаат источните падини на Кораб и Јабланица и подрачјето на Мавровско Езеро. На планината Јакупица се околу 1.000 мм, а на планините во Источна Македонија, источно од реката Вардар се под 1.000 мм годишно. Врнежите најмногу се наесен, во месеците октомври и ноември. Споредниот максимум е во април и мај. Во Македонија се чести и појавите на поројни врнежи во летниот период проследени со појава на град. Најградобијни подрачја се Беровско, Кумановско, Гевгелиско, Струмичко и Пелагониско. Појавите на град ги има секоја година и тоа во месеците мај и јуни, а во некои години и во другите месеци и предизвикуваат значителни штети, кои секогаш се ограничени на помали површини. ЛИТ.: Ангел Лазаревски, Климата во Македонија – врнежите во СР Македонија, „Географски разгледи”, кн. 8–9, Скопје, 1971; Михаило Зиков, Клима и климатска регионализација во Република Македонија , „Географски разгледи”, бр. 30, Скопје, 1995. М. З. Просечна годишна количина на врнежите по мерни места во Република Македонија во периодот 1961-1990 г. М.М/МЕСЕЦ И Ⅱ Ⅲ Ⅳ Ⅴ Ⅵ Ⅶ Ⅷ IX Ⅹ XI Ⅻ ГОД. 1.ЛАЗАРОПОЛЕ 103.6 96.2 99.2 85.2 86.5 58.0 47.2 50.8 67.8 95.1 144.4 130.4 1068.0 2.КРУШЕВО 63.8 67.9 68.9 64.2 85.2 59.8 43.2 39.1 51.7 76.0 97.6 89.6 799.9 3.КИЧЕВО 80.8 66.3 69.6 54.7 65.0 46.6 40.0 38.6 48.7 65.9 106.4 120.0 764.0 4.ТЕТОВО 72.4 62.2 63.2 56.1 69.3 41.1 37.5 29.8 38.7 60.8 90.4 82.2 719.0 5.РЕСЕН 72.6 70.2 58.6 48.6 68.0 36.7 24.7 28.6 45.9 74.3 103.0 81.8 710.5 6.ОХРИД 64.8 67.4 63.2 50.5 60.5 38.4 24.9 33.4 40.6 66.1 92.8 78.7 696.0 7.М.БРОД 62.4 61.0 63.2 53.0 68.7 47.6 33.8 34.6 36.8 60.7 89.6 72.4 686.0 8.ГЕВГЕЛИЈА 48.9 64.3 65.3 54.5 65.0 44.7 30.1 32.2 31.7 65.6 92.9 75.1 671.0 9.НОВ ДОЈРАН 43.3 56.6 58.6 54.3 56.5 47.1 33.1 34.3 33.2 57.4 87.3 64.2 630.0 10.КР.ПАЛАНКА 40.1 41.3 45.7 51.6 72.5 66.1 56.5 48.5 45.3 43.5 63.5 48.6 623.0 11.БИТОЛА 50.2 51.1 51.2 44.3 60.9 40.9 39.1 31.7 39.1 65.6 72.8 69.6 609.0 12.БЕРОВО 40.3 44.2 42.6 48.9 71.4 63.0 46.0 42.5 37.1 46.5 61.1 54.2 599.0 13.Д.КАПИЈА 48.0 46.8 49.0 44.7 58.1 41.1 32.5 21.0 31.1 50.8 63.9 71.5 561.0 14.СТРУМИЦА 39.9 45.7 44.4 47.6 64.6 47.0 33.1 29.7 32.7 46.6 67.9 61.1 560.7 15.ПРИЛЕП 38.6 38.5 43.6 47.1 62.9 51.6 38.2 32.4 36.9 50.3 66.5 45.5 550.3 16.КУМАНОВО 31.9 31.0 39.5 44.6 68.9 53.9 45.1 29.3 40.0 42.8 50.7 42.3 522.5 17.КОЧАНИ 36.2 36.2 37.7 41.8 58.1 51.8 41.2 36.3 32.2 42.2 60.0 43.5 514.2 18.СКОПЈЕ 36.1 35.4 39.9 40.2 59.7 46.2 34.0 26.9 35.5 42.2 54.5 50.6 504.0 19.ЕРЏЕЛИЈА 29.5 30.9 40.1 41.4 55.3 49.5 40.2 30.8 41.0 49.0 54.7 66.1 492.0 20.ШТИП 30.0 28.7 32.9 39.6 58.0 47.2 37.2 31.1 31.1 44.9 52.0 39.9 472.0 21.РАДОВИШ 32.5 39.0 40.9 34.2 48.1 36.0 33.6 22.8 33.0 41.0 50.8 40.3 452.3 22.Т.ВЕЛЕС 29.3 30.7 34.5 37.7 49.0 40.1 35.6 25.0 27.3 38.2 52.1 58.0 440.0 Карта на средните годишни количества врнежи во мм по височина во периодот 1961-1990 г. (Извор: А. Лазаревски, 1993 г.)