ВОЈВОДА

ВОЈВОДА -. а) властелин во средновековните држави во Македонија; административен или воен старешина; б) околиски поглавар во времето на османлиското владеење во Македонија, чин помал од паша, преземен од балканската традиција; в) предводник на ајдутска или комитска дружина или чета. Нашол широк одраз во народната поезија од сите периоди на македонското минато. На пр., меѓу властелините се спомнуваат Малин војвода или Груица војвода, во османлискиот период Дервиш-бег војвода, Се-лим-бег војвода или само Турчин војвода, а од ајдутскиот и комитско-револуционерниот период бројни истакнати ликови на борци за слобода од Страхил војвода, Румена или Сирма војвода до војводата Питу Гули или Јордан Пиперката, па дури и во НОАВМ Мите Војводата (Мите Трпевски). ЛИТ.: Јуначки народни песни. Избор и редакција д-р Кирил Пенушлиски, Скопје, 1968; Ајдутски и револуционерни песни. Избор Јован Бошковски и д-р Кирил Пенушлиски, Скопје, 1969; Д-р Симо Младеновски, Македонските народни песни за НОБ и Револуцијата, Скопје, 1983, 261. С. Мл.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.