ВОСТАНИЕТО ВО ВАРДАРСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА ВО

ВОСТАНИЕТО ВО ВАРДАРСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА ВО . 1941 Г. – акт на антифашистичкото и националноослободително движење на македонскиот народ. Бидејќи до предвечерјето на Втората светска војна ниедна импортирана граѓанска политичка партија во Кралството Југославија не ја признавала македонската национална индивидуалност, македонскиот народ имал општа недоверба кон нив и истакнатите претставници на Македонското националноослободително движење станале водечки членови и организатори на илегалната КП во Македонија, која имала најповолен однос кон македонското национално прашање и единствена организирана националноослободителна политичка сила. Во условите на фашистичката окупација и новата поделба на Македонија, секретарот на ПК на КП во Македонија Методија шаторов-шарло кон крајот на април 1941 г., врз основа на ставот на Коминтерната за „една територија – една партија”, ја поврзал партиската организација од Вардарскиот дел на Македонија со БРП(к). Сè до нападот на фашистичка Германија на Советскиот Сојуз (22. Ⅵ) ПК на КП во Македонија се ориентирал главно на собирање оружје и воена опрема. Територијална карта на Востанието на Петар Делјан Проглас на ПК на КПЈ за Македонија (1941) Во недоволно расветлени околности бил примен и повикот на ЦК на КПЈ за оружено востание (4. Ⅶ), по што уследило и енергично спротивставување за враќање на поранешната организациона поставеност на КП во Македонија. Покажувајќи се како единствена политичка сила што може да го поведе македонскиот народ на востание и општонародна националноослободителна борба, КПЈ ги повикала на востание тогашните околу 700 членови на КПЈ и СКОЈ во Македонија и сите родољуби, без разлика на нивната национална, верска, општествена и политичка припадност. Во таа борба требало да се разрешат егзистенцијалните проблеми и меѓуетничката омраза и нетрпеливост, да се создаде националноослободителна армија, македонски народноослободителен фронт, да се воспостави соработка со сите внатрешни и надворешни антифашистички сили и да се воспостави народна власт на слободните територии. Со енергично спротивставување, КПЈ донела одлука за враќање на старата организациона поставеност, а секретарот М. шаторов-шарло бил сменет и исклучен од КПЈ (24. Ⅶ). Но тој ги игнорирал тие одлуки сè до првата половина на септември 1941 г. Во меѓувреме, во Битола и во други места на Македонија биле организирани илинденски демонстрации (2. Ⅷ) и штрајкови, биле извршени успешни диверзии во рудникот за хром Радуша и на аеродромот Петровец (Скопско), а кај Богомилскиот тунел прилепските илегалци убиле еден бугарски стражар. Наскоро биле формирани Скопскиот НОПО (22. Ⅷ) и Прилепската НО партизанска чета (12. IX). Во спорот со покраинското раководство арбитрирала Коминтерната и со тоа и официјално бил вратен поранешниот статус, со нов раководен состав на чело со Лазар Колишевски. Новото раководство презело енергични организациони и политички мерки за продолжување на оруженото востание и по само неколку дена формирало Покраински воен штаб на чело со Л. Колишевски, а била зајакната и организациона-Од писмото од М. шаторов-шарло до „Стојан“ (април 1941) та мрежа на воените штабови при месните комитети. Наскоро бил формиран и нов ПК на СКОЈ за Македонија, на чело со Мара Нацева (во втората половина на септември). Новото раководство ги обновило прекинатите врски со партиските организации од Македонија под италијанска окупација и испратило инструктори на теренот. Кон крајот на истиот месец упатило и директивно писмо до месните комитети, до членовите на КПЈ, СКОЈ и вонпартијците за оружена борба, со потсетување дека „Слободата нема никој да ни ја подари!” и потребата за придобивање на народот за општонародно востание. Организациите на КПЈ и СКОЈ организирале разни протести и ученички штрајкови во Скопје, Битола, Велес, Охрид, Кавадарци и на други места против наставата на бугарски јазик, високите уписни такси, носењето униформи, бугарската матура и сл. Во почетокот на октомври ПК на КПЈ за Македонија упатил проглас за оружена борба и стапување во партизанските одреди до сите слоеви на населението – работниците, интелигенцијата, младината, жените и членовите на Партијата. Наскоро потоа бил формиран и Прилепскиот НОПО „Гоце Делчев” (11. Ⅹ), кој според однапред подготвениот план, поделен во три групи, уште истиот ден извршил напад на бугарската полициска станица (участокот), затворот, поштата и ПТТ врските во Прилеп. Тој ден и настанот со нападот на Прилеп е прогласен за Ден на востанието на македонскиот народ и се празнува како државен празник на Република Македонија . Наредниот ден биле формирани и кумановските Козјачки и Карадачки НОПО (12. Ⅹ). По нападот на Прилеп градот бил блокиран и притоа биле уапсени повеќе од 900 граѓани, а одреден број и во Битола. По два дена кај кумановското с. Белановце, бугарската војска и полиција го разбила Карадачкиот одред (14. Ⅹ), кај кумановското с. Малотино и Козјачкиот одред (17. Ⅹ), а кај месноста Бел Бунар, близу Скопје, и Скопскиот партизански одред. Со тоа завршил нивниот краток, но историски мошне значаен борбен пат. Тие не постигнале позначајни воени резултати, но претставувале мошне значајна политичка победа за почетокот на општонародното востание. Веќе на 5 ноември ПК КПЈ за Македонија донел одлука до средината на истиот месец партизански одреди да формираат Битолската, Велешката, Крушевската и РесенВОСТАНИЕТО Партизанскиот одред „Димитар Влахов“ (1941) ската партиска организација, а соодветни подготовки да се извршат и на територијата на Западна Македонија (под италијанска окупација). Но веќе наредниот ден дошло до апсење на секретарот на ПК Л. Колишевски, па одлуката не била реализирана. Во услови на засилени полициски прогони и апсења (1.937 уапсени, од кои 134 членови на КПЈ и на СКОЈ и нивни симпатизери), на чело на ПК дошол Бане Андреев, кој (со уште некои членови) потпаднал под влијанието на бугарскиот делегат на ЦК на БРП Бојан Б’лгаранов, коешто се одразило во колебање, одлагање и непостојаност во однос на ставовите за оружената борба. И покрај противењето на мнозинството членови на ПК, би-ло одлучено да се расформира постојниот Прилепски НОПО „Гоце Делчев” и да се распушти Покраинскиот воен штаб. Во покраинското раководство продолжиле недоразбирањата и судирите околу натамошниот развој на оружената борба, поради што повторно уследила критика и интервенција од ЦК на КПЈ. Кон крајот на 1941 г. тоа го спречувала и настапената зима, заострениот полициски и воен режим, судските заплашувања (со дури 38 смртни пресуди, 63 временски казни), големиот број интернирани лица и принудно иселување на 26.451 српски колонисти од Македонија. ИЗВ.: Историски архив на СКМ. Статии од весниците и списанијата од периодот на Народноослободителната борба во Македонија 1941–1944, книга прва, Скопје, 1958; Документи за младинското движење во Македонија 1941–1945, Скопје, 1961; Извори за Ослободителната војна и Револуцијата во Македонија 1941– 1945, том И, кн. прва, Скопје, 1968 и др. ЛИТ.: Д-р Миле Тодоровски, Партизанските одреди и НО војска на Македонија во Ослободителната војна и Револуцијата 1941-1944, ИНИ, Скопје, 1972; Митре Инадески, Првата година на НОВ и Револуцијата. Искажувања за оружената борба против окупаторот во Скопје во 1941 година, Скопје, 1973; Македонија од устанка до слободе 1941-1945. (Зборник радова), Београд, 1987; Д-р Велимир Брезовски, Комунистичката партија на Македонија, ИНИ, Скопје, 2003. С. Мл.