ВЛАХОВ-МИЦОВ, Стефан Иванов

ВЛАХОВ-МИЦОВ, Стефан Иванов (Габрово, Бугарија, 6. Ⅱ 1956) – критичар, литератор, филозоф, преподавател на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, интелектуалец со повеќестрано образование и политолошка подготовка. По завршената математичка гимназија и високото образование по историја (профил балканистика), филозофија и реторика, докторирал со дисертација од областа на социологијата на политиката под наслов „Општење и претстави на Бугарите за светот (до Преродбата)“. Член е на Професорската академија за светски мир со седиште во Њујорк, претседател на Сојузот на слободните писатели во Бугарија, член на Сојузот на бугарските новинари и на Меѓународната организација на новинарите и главен секретар на Друштвото за бугарско-македонско пријателство во Софија. Тој е вклучен во зборникот „Водечки личности во светот“ за 2000 г. на Американскиот биографски институт, како и во прирачникот „2000 исклучителни интелектуалци во 2000-та година“ на Американскиот биографски центар во Кембриџ. Во април 2006 г. Интернационалната федерација за светски мир при ООН му го доделува звањето „Амбасадор на мирот“, а во РМ е добитник на меѓународната награда „Почесно Рациново признание“. Од 10. Х 2007 г. ги започнува неделните предавања на Универзитетот ФОН во Скопје за делото на Мисирков во контекст на филозофијата на балканската историја. Привремено го раководи Македонскиот културен центар во Софија, а потоа договорно работи во Амбасадата на РМ во Софија. Има објавено 10 книги од разни области и над 1200 одделни прилози во разни публикации и е учесник во голем број научни собири во Бугарија и во странство. БИБ.: Владетели в примка. Книга за княз Батенберг, цар Фердинанд Ⅰ и цар Борис Ⅲ, София, 1992; Огледало. Нова българска литература, София, 2002; Кой уби Христо Ботев, София, 1994; Необесени мисли, София, 2004; Кой уби Ботев. Политически мистерии. Второ допълнено издание, София, 2006; Неомеѓени мисли. Избор, редакција и превод Васил Тоциновски, Скопје, 2006; Филозофскиот клуч за македонскиот идентитет, Скопје, 2007. ЛИТ.: Блаже Ристовски, Уникален „клуч за македонскиот идентитет”, „Утрински весник“, Ⅷ, 2355, 11. Ⅳ 2007, 15; Раде Силјан, Дело со големи пораки, „Синтези“, 8, Скопје, 2007, 67-70. Бл. Р. Петар Влаховиќ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.