//ВЛАХОВ, Густав Димитров

ВЛАХОВ, Густав Димитров

ВЛАХОВ, Густав Димитров (Истанбул, 18. IX 1912 – 16. Ⅰ Белград, 1991) – инженер технолог, воен и државно-политички деец, општественик и дипломат. Син на Д. Влахов, го следи животниот и семејниот пат на татко му (Варна, Софија, Приштина, Одеса, Киев, Женева и Софија). Основното училиште го завршува во Варна (1919–1923), средното во Виена (1932), а потоа живее во Париз и станува член на КПФ (1933–1934). Преку Лондон и Ленинград, стигнува во Москва (1935), каде што се запишува на Военохемиската академија. По едномесечниот притвор на татко му (1938), тој е исклучен од Воената академија и се запишува и по две години го завршува Хемиско-технолошкиот факултет и се вработува како инженер-технолог во московска фабрика. Како член на СКП(б), по Хитлеровиот напад на СССР се пријавува доброволец во Црвената армија (1941) и како припадник на Посебниот одред со специјални задачи и политички заменик на командантот на Интернационалната бригада на Црвената армија учествува во одбраната на Москва. На 5. Х 1944 г. тргнува со татко му од Москва во Крајова, каде што преговараат Тито и Трпешев и речиси два месеца се наоѓа во Титовата близина. По краткиот престој во Белград, на 17 ноември тргнува за Скопје. Во Македонија осум месеци врши одговорни функции: директор на првата Партиска школа на КПМ во Скопје, член на Агитпроп и инструктор на ЦК на КПМ за скопската партиска организација и директор на Централата за распределба на земјоделски производи. Доаѓа до недоразбирања (и по национална линија) со македонското раководство. Испратен е на работа во Белград како политички секретар на Кабинетот на Врховниот командант на оружените сили на ФНРЈ, помошник министер за надворешни работи и помошник-министер за земјоделство на ФНРЈ, претседател на Комитетот за социјални грижи на Владата на ФНРЈ, сојузен секретар за социјална политика, постојан претставник на Владата на ФНРЈ во Европското биро на ООН во Женева (1954-1956), амбасадор во Пакистан (1956-1957), Мексико (1957-1964) и во Австрија; член на Сојузниот извршен совет, сојузен секретар за социјална политика и труд, сојузен секретар за информации (1965-1967), пратеник (мај 1967) и потпретседател на Сојузното собрание на СФРЈ. Носител е на Партизанска споменица 1941. ИЗВ.: Димитар Влахов, Мемоари, второ издание, „Слово”, Скопје, 2003. БИБ: Спомени за татко ми, Скопје, јули 1968; На пресвртница. Како ја видов и доживеав 1948, НИО „Студентски збор”, Скопје, 1968. Бл. Р. и С. Мл.

2019-01-05T19:45:10+01:00 0 коментари