ВЛАСИТЕ НА БАЛКАНОТ

ВЛАСИТЕ НА БАЛКАНОТ – романизирано, автохтоно население на Балканот, но има и мислења дека се населиле од Северен Балкан и од соседните европски земји. Името доаѓа од едно келтско племе, кое Римјаните го нарекувале Волцае, а Германите Њалхос, него го презеле Словените и Византија (Валахос). Биле именувани и: Влахоринхини, Цинцари, Моровласи (Морлаци), Куцовласи, Каравласи, Чичи, Карагуни, Каравунци, Каракачани, Мегленски Власи и сл., а самите денес се нарекуваат Аромани (Арманј). Првпат се споменуваат во светогорските хроники (втората пол. на Ⅷ в.) под формата Влахоринхини, кога е вршено нивно покрстување. Експлицитна потврда има во 976 г., кога Власи (скитници) го убиле комитопулот Давид, меѓу Преспа и Костур. Првиот познат влашки топоним е Кимба Лонгу (XI в.), а влашко име Беривој (востаник од Тесалија, 1066 г). Во Ⅻ–ⅩⅣ в. Власите веќе се населени во Епир и во Тесалија (областите се нарекувани Влахија), а Бренотската епископија (Јужна Албанија) е влашка епархија. Власите сточари постепено преминале на живот во катуни (во зимскиот период), а од ⅩⅠⅠⅠ–ⅩⅤ в. веќе има влашки села. Правните односи им биле фиксирани со закони за Власите (Душановиот законик, Законот за цетинските Власи). Во османлиската држава ја зачувале својата самоуправа, под форма на капитании, до втората пол. на ⅩⅤⅠⅠⅠ в., кога центарот Москополе (град и седиште на митрополија), бил разрушен, по што се преселиле во Солун, Сер, Битола и Крушево. Во Западен Балкан тие постепено го напуштале својот јазик и чувството етничката засебност, но останале видливи траги во топонимијата и антропонимијата. Во текот на ⅩⅠⅩ – поч. на ⅩⅩ в. Власите дале придонес во ослободителните движења на балканските народи (особено во Грција, 1821 и во Македонија, 1903 г.), а во втората половина на ⅩⅠⅩ в. се отворени романски школи школи и црковна литургија во некои населби во Македонија и во Пиндската област –„срцето на ароманштината”. Таму прогласиле автономија (1917, Република Самаријана, потоа и Република Пинд и Загора), а автономија добиваат и во текот на Втората светска војна. Власите ги зачувале етничкиот идентитет, јазикот и културата. Во Република Македонија тие се признати како посебна етничка заедница (9.596 лица, според пописот од 2002 г.). ЛИТ.: А. И. Коукоудис, Тхе Влацхс: Метрополис анд Диаспора, Тхессалоники, 2003; Г. Даскалов, Армъните в Гърция, София, 2005; Т. Њиннифритх, Тхе Влацхс, Лондон, 1992; Н. Поп-Никола, Влашки преродбеници, Битола, 2003. Б. Петр.