ВИС

ВИС (1944) – средба и разговори на Македонската делегација со политичкото и со военото раководство на Авнојска Југославија. На заедничкиот состанок на Иницијативниот одбор за свикување на АСНО на Македонија и Главниот штаб на македонската војска (8. Ⅴ 1944), била избрана делегација во состав: Методија Андонов-Ченто (претседател на Иницијативниот одбор), Емануел (Мане) Чучков и Кирил Петрушев, ополномоштена да отпатува на островот Вис и таму пред политичкото и военото раководство со Тито да го постави прашањето за обединување на Македонија. На состанокот (24. Ⅵ 1944), со учество на Јосип Броз-Тито, (претседател на Националниот комитет за ослободување на Југославија), пред потпретседателите и членови на Комитетот и пред членовите на Президиумот на АВНОЈ, македонската делегација го поставила и го образложила барањето за интегрално решавање на македонското прашање и за обединување на Македонија. Југословенското комунистичко раководство останало неотстапно на ставот за сепаратно решавање на македонското прашање во Вардарскиот дел од Македонија во рамките на Југославија. ЛИТ.: Слободан Нешовиќ и Бранко Петрановиќ, АВНОЈ и револуција, Београд, 1983; Михајло Миноски, Авнојска Југославија и македонското национално прашање, Скопје, 2000. М. Мин.

2019-01-05T19:45:08+00:00 0 коментари