ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ ВО РМ

ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ ВО РМ – севкупност на институциите за образование на стручни кадри на вишите и високите школи, факултетите и академиите. Во Македонија високото образование се остварува во рамките на 4 универзитети – Скопје, Битола и Тетово (два), една воена академија (Скопје) и два теолошки факултета (православен и муслимански во Скопје). Организирано е на две нивоа: додипломски студии, кои траат од 3 до 6 години (6–12 семестри) и завршуваат со полагање дипломски испит; и постдипломски студии: специјалистички, во траење од една година (на Медицински факултет од 3 до 5 години); магистерски (2 години) и докторски студии (3 години) и завршуваат со одбрана на соодветен труд (дисертација). Студиските и предметните програми ги донесуваат наставно-научните совети на факултетите, а ги потврдуваат, односно даваат согласност универзитетот и Министерството за образование и наука. Органи на управување на ниво на факултет се: декан, Факултетска управа и Наставно-научен совет, а на ниво на универзитет: ректор, Универзитетска управа и Сенат, со мандат од четири години. Воспитно-образовната работа во високото образование ја изведуваат соработници во звањето: помлад асистент и асистент и наставници во звањето: доцент, вонреден професор и редовен професор. Воспитно-образовната работа е организирана по години и семестри. Најзастапени видови воспитно-образовна работа се: предавања, семинари, вежби, консултации, испити и дипломски испит како завршен, кој се полага пред комисија. Во високото образование се стапува со полагање приемен испит (в. Универзитет „Св. Кирил и Методиј” – Скопје; Универзитет „Св. Климент Охридски” – Битола; Универзитет на Југоисточна ЕвропаТетово; Државен универзитет во ТетовоТетово; Воена академија „Генерал Михајло Апостолски” – Скопје; Православен богословски факултет „Св. Климент Охридски” – Скопје и Факултет за исламски науки – Скопје, во Кондово). ЛИТ.: К. Камберски, Од буквар до универзитет, Скопје, 1994. К. Камб.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.