//ВИНИЧКАТА ПРОВАЛА НА МРО

ВИНИЧКАТА ПРОВАЛА НА МРО

ВИНИЧКАТА ПРОВАЛА НА МРО (1897-1898) – ноќта на 14 спроти 15. XI 1897 г. во Виница банда арамии дојдени од Бугарија за ограбување имотни Турци го убиле богатиот Турчин ќазимага, неговиот ноќен чувар член на Организацијата и други двајца месни жители. При претресот на куќата на убиениот чувар било откриено поголемо количество скриено оружје (пушки, револвери, бомби). По извршените апсења со жестоки измачувања на уапсените полицијата го открила постоењето на тајната организација (МРО), по што следувале масовни апсења на видните личности, учители и свештеници во Виница, Кочани, Штип, Кратово и во селата. Вкупниот број упасени надминал 1000 лица. На масовните апсења и жестокоста на теророт следувале индивидуални и колективни протести и од другите градови на Македонија. За запирањето на теророт на властите интервенирале и дипломатските претставници на Русија, Австро-Унгарија и Велика Британија. Бројот на жртвите во Виничката афера изнесувал: убиени 5, умрени од измачување 5, измачувани 196, силувани жени и мажи 13, затворени 528 лица. ЛИТ.: Александар Апостолов, Виничката афера, Виница, 1997; Ванчо Ѓорѓиев, Виничката афера и Петар Поп Арсов, „Гласник“ на ИНИ, 1-2, Скопје, 1995. М. Мин.

2019-01-05T19:45:08+00:00 0 коментари