/ВИНАРСКИ ВИЗБИ

ВИНАРСКИ ВИЗБИ

ВИНАРСКИ ВИЗБИ – производство на алкохолни и безалкохолни пијалаци во РМ. Поголем број стопански организации во кои продолжува традицијата за производство на вино и на ракија, а во поново време и на други безалкохолни пијалаци. Природните алкохолни пијалаци се добиваат од плодови што содржат шеќери или скроб и тоа само со ферментирање (вино) или со ферментирање и дестилирање (ракија и други жестоки пијалаци). Виното, како еден од првите производи во историјата на цивилизацијата, и во РМ има долга традиција. Бројот на винарски визби е голем, како и асортиманот на вината. Во поново време се произведуваат типизирани висококвалитетни вина со познато географско потекло. Содржината на алкохолот во виното е типично 10–12%. Со транзицијата и приватизирањето на секторот винарство, освен постојните големи визби, се настанати и поголем број нови винарски визби со добар квалитет на виното. Најголеми и најпознати се визбите во Кавадарци и Тиквешијата, во Скопје, Велес, Штип, Гевгелија и други. Извозот на виното, покрај традиционалниот пласман во земјите на поранешна Југославија, с” повеќе се одвива и во Европа и надвор од неа. Ракијата е технолошки придружен производ во дел од винарските визби, но, исто така, и производ на други дестилерии. Основна суровина за ракијата е грозјето или комињето од производството на вино, но се користат и сливи и други плодови. Со повторена дестилација на ракијата се добива почист и поконцентриран дестилат со алкохол што се користи и за висококвалитетни жестоки пијалаци. Содржината на алкохолот е од 30 до 50%, типично 40%. Со ароматски додатоци (смола, семиња) се добиваат посебни квалитетни пијалаци (мастика, анасонка). Безалкохолните се освежителни пијалаци што содржат шеќер, природни или вештачки сокови и ароми, јаглероден диоксид и други адитиви. Во поново време се застапени голем број брендови од светот. Св. Х. Ј. – С. С.

2019-01-05T19:45:08+01:00 0 коментари